Линкови за пристапност

ОН повикаа на истрага по воздушниот напад врз бегалски камп во Сирија


Во операцијата загинале 30-тина лица, меѓу кои жени и деца

Виш претставник на ОН повика да се спроведе истрага за воздушните напади врз сириски бегалски камп, при што загинаа најмалку 30 лица, додавајќи дека нападот можно е да се поистовети со воено злосторство.

Според Локалните координативни комисии, коишто ги поддржуваат анти-владините активности, во нападот врз кампот Камоуна во северна Сирија биле повредени десетина лица. Сириската опсерваторија за човекови права пак со седиште во Британија, соопшти дека во акцијата загинале 28 лица, меѓу кои жени и деца, но предупреди дека овој број можно е и натаму да расте.

Стивен О`Брајан, генералниот потсекретар на ОН за хуманитарни прашања, изјави дека постојат изгледи оти за нападот ќе биде осомничена сириската влада и дека светската организација ќе го земе на одговорност кој и да е сторител на овој „грозоморен акт“.

Само неколку часа откако руските и сириски претставници потврдија дека прекинот на огнот важи и за Алепо, опозициски политичари рекоа дека или сириски, или руски авиони го извршиле нападот врз бегалскиот камп близу границата со Турција.

Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, кажа дека бегалците се во најочајна ситуација што може да се замисли, и дека не постои оправдување тие да бидат цел на една ваква воена операција.

Претставници на Стејт департментот рекоа дека во моментов работат на прибирање на дополнителни информации за инцидентот.

XS
SM
MD
LG