Линкови за пристапност

Хегел јавно ќе сведочи за контроверзната размена на затвореници


Американскиот секретар за одбрана ќе биде испрашуван во Конгресот за постапката што довела до ослободувањето на војникот Бергдал.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел се очекува да фрли повеќе светлина на контроверзната размена на затвореници со Талибан кога јавно ќе сведочи пред комисија на Претставничкиот дом во среда.

Хегел најверојатно ќе биде соочен со тешки прашања од законодавците во Комисијата за вооружените служби во врска со одлуката на администрацијата на Обама да не го информира Конгресот за договорот пред размената да биде извршена.

Минатиот месец, Талибан се согласи да го ослободи наредникот Бо Бергдал, американски војник што Талибан го држел затворен во Авганистан пет години. Во замена, САД се согласиле да ослободат петмина талибански затвореници од висок ранг од американскиот воен затвор во Заливот Гвантанамо, во Куба.

Претставници на администрацијата на Обама ја бранеа одлуката да се пристапи кон размената без да му се дадат на Конгресот 30 дена како што бараат правилата, пред затвореници од Гвантанамо да бидат ослободени.

Портпарол на Пентагон, Џон Кирби, кажа дека имало „многу мал временски прозорец“ да се заврши работата „безбедно и брзо“.

Кирби кажа дека Хегел е целосно подготвен да одговори на прашањата во врска со процесот што доведе до ослободување на Бергдал. Тој кажа дека секретарот за одбрана ќе биде „директен и искрен“ за неговото учество во донесувањето на одлуката кога ќе сведочи пред телото на Претставничкиот дом.
XS
SM
MD
LG