Линкови за пристапност

Светските лидери со реакции на смртта на иранскиот претседател Раиси


Иранскиот претседател загина во хеликоптерска несреќа.
Иранскиот претседател загина во хеликоптерска несреќа.

Пакистан прогласи ден на жалост, а Либан тридневна жалост, додека нивните влади му изразија сочувство на Иран по смртта на претседателот Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан во хеликоптерска несреќа.

Иранските власти се враќале од иранско-азербејџанската граница кога хеликоптерот се урна во неделата. Претседателот на Азербејџан Илхам Алиевво понеделникот изјави дека е „длабоко шокиран од тешката загуба што ја снајде братската и пријателска Исламска Република Иран и нејзиниот народ“.

Рускиот претседател Владимир Путин го пофали Раиси како „извонреден политичар“.

„Раиси беше извонреден политичар чиј цел живот беше посветен на служење на својата татковина“, рече Путин.

„Како вистински пријател на Русија, тој даде непроценлив личен придонес во развојот на добрососедските односи меѓу нашите земји“, додаде Путин.

Кинескиот претседател Шји Џинпинг ја нарече смртта на Раиси „трагична“ и рече дека „кинескиот народ изгуби добар пријател“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Сирискиот претседател Башар ал Асад изрази солидарност со Иран и рече дека Сирија соработува со Раиси „за да се осигура дека стратешките односи меѓу Сирија и Иран секогаш цветаат“.

Египетскиот претседател Абдел Фатах Ел-Сиси ја изрази солидарноста на Египет со „раководството и народот на Иран во оваа голема загуба“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече Раиси „вреден колега и брат“.

„Како колега кој лично беше сведок на неговите напори за мир на иранскиот народ и нашиот регион за време на неговото владеење, се сеќавам на г-дин Раиси со почит и благодарност“, рече Ердоган на социјалните мрежи.

Индискиот премиер Нарендра Моди рече дека е шокиран од развојот и дека „Индија стои со Иран во ова време на тага“.

Ирачкиот премиер Мохамед Шија ал-Судани изрази „голема и огромна тага“.

Претседателот на Обединетите Арапски Емирати бин Зајед Ал Нахјан рече дека ОАЕ „стојат во солидарност со Иран во овој тежок момент“.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро рече дека е „длабоко тажен“ поради смртта на Раиси, нарекувајќи го „одлично човечко суштество, бранител на суверенитетот на својот народ и безусловен пријател на нашата земја“

Малезискиот премиер Анвар Ибрахим рече дека Раиси „е пример за длабоката посветеност на благосостојбата на својот народ и достоинството на неговата нација, која претставува горда и богата цивилизација вкоренета во принципите на исламот“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека Европската унија „го изразува своето искрено сочувство“.

„Нашите мисли се со нивните семејствата“, рече Мишел.

Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG