СКОПЈЕ – Северна Македонија може да се справи со зголемениот буџетски дефицит и со растечкиот долг само ако ја подобри ефикасноста на јавните расходи и буџетската дисциплина и ако поажурно ги прибира даноците а дел од нив ќе мора да се зголемат исто како и старосната граница за пензионирање. Ова се дел од препораките во новиот извештај на Светска банка „Преглед на јавни финансии на Северна Македонија: Обезбедување стабилност и зајакнување на отпорноста“ кој денес беше презентиран на домашната јавност.
Алармот за ПИОМ е вклучен предупредуваат од Светска банка. Населението старее, бројот на вработени може да се изедначи со бројот на пензионери и креаторите на политиките треба да спроведат сеопфатни мерки на пазарот на трудот а една од препораките е зголемување но и изедначување на старосната граница за пензионирање.
„Заради справување со овие предизвици се предлагаат повеќе политики за намалување на пензискиот дефицит во услови на општество што се повеќе старее. Тие опфаќаат укинување на неодамна воведениот модел на индексирање според цените и платите или т.н. Швајцарски модел и враќање на претходното индексирање согласност индексот на цени на мало, постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот. Комбиниран пакет што ќе ги интегрира сите три политики би можел да донесе побалансирани исходи и да го спречи натамошното зголемување на пензиските расходи и дефицит“, стои во извештајот на Светска банка.
И од фискалниот совет уште еднаш повторија - ако не се најдат средства за ПИОМ, ќе мора да се користат оние од буџетот. Тие го кажеле своето, сега е на ред Владата.
„Ние имаме дијагноза и дијагнозата е заедничка постои консензус а тоа е дека има недостаток на средства. Останува да се утврди терапија. Терапијата се дискутира. Постои свесност дека недостасуваат средства. Потребно е да се изнајдат решенија доколку не се изнајде решение тогаш ПИОМ на долг рок треба да се финансира од Буџетот. Тоа се големи средства и за одржување на Буџетот треба да се најдат приходи за Буџетот“, изјави Глигор Бишев, претседател на Фискален совет
Од Светска банка препорака е и зголемување на ДДВ–то од 18 на 19 отсто како и зголемување на данокот на добивка од 15 на 15 отсто како и зголемување на данокот на имот. Ставот на експертите од Светска банка е дека треба да се укине повластената стапка за сите стоки, освен за основните производи.
За повеќе приходи во Буџетот, Светска банка предлага повисока акциза за цигари, поголем данок за алкохолни пијалаци но и да се почне со оданочување на зашеќерени пијалаци.
Од УЈП се на ставот дека повисоки даноци засега не треба да се воведуваат.
„Собирањето и мобилизацијата на даночните приходи треба да ја обезбедиме во услови на ниски даночни стапки и проширување на даночна стапка и интегрирање на сивата економија. Со други методологии и други пристапи можеме да ја подобри даночната усогласеност и да ги мобилизираме даночните приходи со задржување на ниски даночни стапки, без зголемување“, изјави Елена Петрова директор на УЈП.
Светска банка смета дека со подобрување на наплатата на даноците и оптимизирање на расходите, Северна Македонија има можност да ги намали трошоците за задолжување и да распореди повеќе ресурси кон основните сектори клучни за нејзината иднина, како што се образованието и здравството но исто така предлагаат и реформи во јавната администрација, реформи во здравството и ревидирање на позитивната листа на лекови.
Facebook Forum