Линкови за пристапност

Светска банка: Цените на нафтата ќе скокнат до 75 отсто доколку се прошири конфликтот на Блискиот Исток


Светската банка во понеделникот објави дека цената на нафтата може да достигне невидени нивоа доколку се прошири конфликтот меѓу Израел и Хамас, а тоа ќе доведе и до зголемување на цените на храната ширум светот.

Според оценката на таа меѓународна финансиска институција, која се однесува на пазарот на суровини, се посочува дека последиците од актуелниот конфликт врз цената на нафтата треба да се ограничат, но дека брзо би се влошиле доколку дојде до ескалација на конфликт.

Нападот врз Израел од страна на екстремистичката група Хамас и воената операција на земјата ги поттикнаа стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток. Израелските тенкови и пешадија влегоа во Газа викендот, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја најави „втората фаза од војната“. Претставниците на Хамас побараа помош од регионалните сојузници, вклучувајќи го Хезболах во Либан, поддржан од Иран.

Извештајот на Светска банка наведува три сценарија за глобално снабдување со нафта.

Во првиот, кој предвидува „мал прекин“, треба да се ограничат последиците доколку конфликтот не се прошири. Во тој случај, Светска банка прогнозира пад на цената на нафтата од сегашните околу 90 долари за барел на просечни 81 долар следната година.

Меѓутоа, во случај на „умерено нарушување“ - како што беше случајот за време на војната во Ирак - глобалното снабдување со нафта од околу 100 милиони барели дневно ќе се намали за 3 до 5 милиони, што ќе предизвика скок на цените за 35 проценти.

Во сценариото за „големо нарушување“ - по линијата на арапското нафтено ембарго од 1973 година - глобалните резерви на нафта би се намалиле за 6 до 8 милиони барели дневно, а цените би можеле да скокнат од 56 до 75 проценти, на 140 до 157 долари за барел. според извештајот.

Индермит Гил, главен економист на Светска банка, рече дека руската инвазија на Украина веќе предизвика нарушувања во глобалната економија „кои се уште се присутни денес“.

„Ако конфликтот ескалира, глобалната економија ќе се соочи со двоен енергетски шок за прв пат по децении - не само по војната во Украина, туку и на Блискиот Исток“, предупреди Гил.

Ајан Косе, заменик главен економист, би рекол дека повисоките цени на нафтата неизбежно ќе резултираат со повисоки цени на храната.

„Ако се остварат проценките за големо нарушување, тоа би довело до пораст на инфлацијата на цената на храната, која е веќе висока во многу земји во развој поради руската инвазија на Украина. Ескалацијата на последниот конфликт би ја влошила нестабилноста во снабдувањето со храна, а не само во регионот, но и во целиот свет“, рече Косе.

Цените на нафтата се зголемија за 6 отсто од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Порасна и вредноста на златото за 8 отсто, што вообичаено се случува за време на конфликти, објави Светска банка.

Некои економисти се сомневаат дека ќе има огромен недостиг на нафта во Америка, имајќи предвид дека домашното производство е на највисоко ниво на сите времиња.

Американската секретарка за финансии Џенет Јелен минатата недела изјави дека администрацијата на Бајден внимателно ги следи економските последици од војната на Израел против Хамас.

„Досега не видовме големи глобални последици“, рече Јелен, додавајќи дека тие би можеле да бидат поголеми доколку војната се прошири.

Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергетика Фатих Бирол изјави дека поради руската инвазија и последното насилство меѓу Израел и Хамас во Газа, никој не може да го убеди дека „нафтата и гасот се безбедни извори на енергија за земјите или потрошувачите“.

Извор: Асошиетед прес

XS
SM
MD
LG