СКОПЈЕ – „Вања е киднапирана нема што друго да биде“, бил ставот на Александар Ѓорчевски откако неговата поранешна сопруга Зорица Ѓорчевска го известила дека четиринаесет годишната Вања не дошла во училиште и е исчезната.
Ѓорчевска денес сведочеше на судскиот процес за убиството на нејзината ќерка и седумдесет и четиригодишниот велешанец Панче Жежовски и кажа дека не познава ниту еден од обвинетите ниту пак знае дека таткото Александар се познавал со првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо. Таа во детали опиша што се случувало кобното утро на 27 ноември минатата година кога Вања исчезна.
Класната раководителка ја известила дека Вања не дошла на училиште, а известувањето дошло брзо бидејќи таа требало да разговара со Вања околу недоразбирања со соученичка за позајмена книга. Телефонот го лоцирала на булеварот „Партизански одреди“ и веднаш му се јавила на Александар.
„Тој беше веќе облечен и симнат доле. Не е вообичаено така брзо да се подготвува. Обично доцнеше. Тврдеше дека Вања е киднапирана. Јас го прашав кој би направил такво нешто? Дали должиш пари на некој? Тој само одговори нема што друго да биде“, кажа Зорица пред судскиот совет и додаде дека нејзината првична теорија била дека побегнала од дома па затоа се преиспитувала дали имале меѓусебни недоразбирања или кавга.
Двајцата ја барале Вања во близина на локацијата на последниот сигнал од мобилниот телефон а потоа ја известиле полицијата и пријавиле на телефонскиот број 112.
Таа потврди дека Александар имал добри односи со двете ќерки, се интересирал за нив како и дека помалата ќерка Миња го информирала дека Вања кобното утро нема да дојде на првиот час, но според сведокот Зорица тоа не било невообичаено.
На прашања на адвокатите од обраната појасни дека не познава ниту еден од обвинетите, за Палевски чула и знаела дека зградата во која тие живееле била изградена од негова фирма.
Мајката и двете ќерки живееле во населбата Аеродром пред да се преселат во станот на улицата Наум Наумовски Борче каде Вања е киднапирана. Станот во Аеродром го прoдала а дел од парите од продажбата ги орочила. Во своја сопственост имала повеќе станови наследство од родителите.
„Во овој стан живеевме само два месеца. Претходно живеевме на улица ‘Славе Деловски’, кој е мој стан. Тој на „Наум Наумовски Борче’ исто така беше мој, па го дадов на мојот маж Александар Ѓорчевски кој инсистираше да биде префрлен на негово име, за ако нешто се случи, децата да имале оставина. Тоа беше во 2018 година. Бидејќи децата сакаа да живееме таму, јас побарав да се префрли на име на децата, односно на мое име, како нивни старател. Јас во моја сопственост имам уште 3 стана, што ги наследив од родителите”, сведочеше Зорица.
Според бранителот на Александар, адвокатот Владимир Туфегџиќ, сведочењето потврдило дека неговиот клиент не е вмешан.
„Многу е битен исказот на мајката бидејќи се расчистија сите шпекулации и мистерии. Исказот дава логичен след на работите со кои се потврдува теоријата и тезата на одбраната дека Александар нема никаква инволвираност. И самиот сведок не посочи дека Александар направил нешто невообичаено. По однос на тоа што Александар дал своја претпоставка дека девојчето е киднапирано, ако внимателно го слушавте сведокот, многу јасно и децидно појасни дека и таа имала своја теорија дека Вања избегала, или дека некој ја прелажал “, изјави Туфегџиќ.
На денешното рочиште сведочеа и Ана Киркова,ќерка на убиениот Панче Жежовски и нејзиниот сопруг кои потврдија дека тој се познавал со обвинетиот Велибор Манев и дека имале меѓусебен спор пред многу години бидејќи Жежовски го ангажирал Манев да му го уреди дворот, а тој незадоволен од работата не му ја платил целосната сума на пари и затоа имало и судски спор.
Судењето продолжува в среда со сослушување на други сведоци. Палевски е обвинет за организирање на грабнувањата и извршување на убиствата, а како соизвршители се обвинети Влатко Кешишов, Боре Видевски и Велибор Манев. Ѓорчевски се товари за помагање при грабнување.