Сите 12 републикански членови на Сенатската комисија за правосудство гласаа за потврда на Ејми Кони Барет за судијка на Врховниот суд.
Со тоа се отвора патот за крајно гласање за нејзината номинација од целиот Сенат в понеделник.
Демократите од Сенатската комисија за правосудство го бојкотираа денешното гласање за нејзина потврда.
Лидерот на демократското малцинство во Сенатот Чак Шумер го повтори ставот дека е против номинирање судија толку близу до изборниот ден, велејќи дека таква одлука треба да биде оставена на тој што ќе победи на изборите на трети ноември.
Тој нагласи дека конгресниот процес за потврда на Барет е „најизбрзан, најпартиски и најнелегитимен во историјата на номинации за Врховниот суд“.
Претседавачот со Комисијата за правосудство Линдзи Грем, пак, рече дека бојкотот на денешното гласање ѝ прави противуслуга на судијката Барет, која заслужува да добие гласови, за или против.
Со мнозинство на републиканците во Сенатот, 53 наспроти 47 гласови на демократите, Грем изрази оптимизам за потврда на номинацијата на Барет.
„Судијката Барет заслужува да биде во Врховниот суд и ќе биде потврдена“, рече тој.
Facebook Forum