Линкови за пристапност

Врховниот суд на САД ја отфрли тужбата против планот на Трамп за третирање на имигрантите во пописот


(Reuters) - Врховниот суд на САД во петокот ја отфрли тужбата со која се бараше блокирање на планот на претседателот Доналд Трамп да ги исклучи имигрантите кои живеат илегално во САД од бројот на населението, што се користи за распределување на конгресните области на државите.

Пресудата 6-3 беше донесена по идеолошка линија, така што шестмина конзервативци на судот беа мнозинство наспроти тројца либерали кои не се согласуваат. Тоа му дава краткорочна победа на Трамп додека ја спроведува својата агенда за имиграцијата, во последните недели од неговото претседателствување.

Судиите оставија можност за нови судски постапки доколку администрацијата на Трамп го заврши својот план. Во непотпишаната одлука се вели дека „судско решавање на овој спор е преурането“ делумно затоа што не е јасно што планира да стори администрацијата.

Одлуката исто така забележува дека судот не ја проценува исправноста на планот.

Подносителите на тужбата предводени од државата Њујорк и Американската унија за граѓански слободи, тврдат дека предлогот на Трамп ќе ја ослабе моќта на државите со поголем број илегални имигранти, вклучително и претежно демократската Калифорнија, со неброење на целото население, заради што државата ќе биде застапена со помалку места во Претставничкиот дом на САД во корист на републиканците.

Администрацијата не кажа каков метод би користела за пресметување на бројот на луѓе што предлага да се исклучат или кои подгрупи на имигранти ќе бидат таргетирани.

Покренувачите на постапката пред Врховниот суд тврдат дека политиката на Трамп ги крши и Уставот и Законот за попис. Уставот предвидува распределба на местата во Претставничкиот дом врз база на „вкупниот број жители на секоја држава“. Досега, практиката на американската влада беше да ги брои сите луѓе без оглед на нивното државјанство или имиграциски статус. Според статутот, од претседателот се бара да испрати извештај до Конгресот на почетокот на јануари за бројот на населението во секоја од државите и колкав е бројот на окрузи за нивни претставници во Претставничкиот дом.

XS
SM
MD
LG