Линкови за пристапност

Дали Врховниот суд ќе ја поддржи забраната за патување во САД?


Има индикации дека судот позитивно ќе се изјасни по одлуката на претседателот Доналд Трамп. Решението се очекува кон крајот на јуни

Врховниот суд можно е да ја поддржи одлуката на претседателот на САД Доналд Трамп за забрана за патување, со која се ограничува влезот во САД на патници од земји со главно муслиманско население – Иран, Либија, Северна Кореја, Сирија, Венецуела, Сомалија и Јемен.

За време на денешното рочиште, судиите Џон Робертс и Ентони Кенеди сигнализираа поддршка на политиката. Ќе биде потребен гласот од кој и да било од овие судии во полза на тужителите.

Откако стана претседател, Трамп издаде три верзии на неговата забрана за патување. Претходните две беа привремени. Актуелната забрана нема краен рок.

За таканаречената забрана минатата година се водеа бројни судски битки околу нејзината легалност. Застапниците на правата на имигрантите рекоа дека таа се толкува како забрана за лица од муслиманска вероисповед.

Тужителите во овој случај – сојузната држава Хаваи, Муслиманската асоцијација на Хаваи и тројца поединци, се очекува да аргументираат дека забраната значи дискриминација против муслиманската заедница и ги пречекорува овластувањата на претседателот по имиграционите прашања.

Од друга страна, владините адвокати ќе се обидат да докажат дека претседателот има овластувања околу имиграцијата. Пред сослушувањето, главниот правобранител Џеф Сешнс издаде соопштение во кое се вели дека „претседателот Трамп одредил оти забраната за патување е клучна во заштитата на американскиот народ“.

Одлуката на Врховниот суд ќе биде позната до крајот на јуни.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG