Линкови за пристапност

Шоу, прекин на енергија, реклами...


Многу повеќе од фудбал во финалето во кое Балтимор славеше над Сан Франциско.

Балтимор во финалето на американскиот фудбал – „супербол“ го победи Сан Франциско со 34-31, во натпревар што беше неизвесен до самиот крај.

Натпреварот е многу повеќе од фудбал - милиони Американци минаа цело попладне пред екраните во очекување на рекламите специјално снимени за настанот, за кои компаниите плаќаат неверојатна сума пари - по четири милиони долари за 30 секунди!

Ѕвезда на полувремето беше Бијонсе, која ја освои публиката со помош на своите поранешни колешки од Дестини чајлс.

Финалето го одбележаа и сличностите на спротивставените екипи – нивните тренери се браќа - Џон и Џим Харбо.

„Добро го знам Џим Харбо. Знаев дека ќе биде битка за секој сантиметар на зелениот терен. Неговата екипа умешно се врати во игра по нашата голема предност. Покажаа дека се борат до крај“, рече тренерот на Балтимор за својот помлад брат, тренерот на Сан Франциско.

Балтимор водеше со 21-6 на полувремето. Потоа ненадејно дојде до прекин на електрична енергија, што траеше 35 минути. Тоа како да му помогна на Сан Франциско да се врати во игра и да дојде до само два поени разлика, 31-29 во четвртата четвртина.

За најкорисен играч на натпреварот беше прогласен Џо Флако, квотербекот на Балтимор.

Тие (Сан Франциско) играа одлично, но на крајот успеавме да победиме“, рече Флако.

Ова беше последен настап за ветеранот Реј Луис од Балтимор, кој се пензионира со два шампионски прстени. Првиот го освои во далечната 2001-ва.
XS
SM
MD
LG