Линкови за пристапност

Со даноци во борба против дебелината


Светската здравствена организација вели дека оданочувањето на зашеќерените пијалаци ќе ја стават под контрола епидемијата на прекумерна тежина

Според Светската здравствена организација (СЗО) прекумерното конзумирање на шеќер е главната причина за глобалниот проблем со дебелината. Организацијата ги повика владите да воведат данок на засладените пијалоци со што би се намалило конзумирањето и би се подобрило здравјето на луѓето.

Повеќе од една третина од светското население страда од прекумерна тежина, а половина милион во 2014-та година имале проблеми со дебелината.

Алармантни се податоците на СЗО од 2014-та година кои покажуваат дека дури 42 милиони деца помлади од пет години се со прекумерна тежина, бројка што се зголемила за околу 11 милиони во изминативе 15 години. Половина од овие деца живеат во Азија, а 25 отсто во Африка.

Според организацијата, нездравата исхрана е причина за зголемениот број лица со дијабетес. Податоците покажуваат дека повеќе од 422 милиони луѓе се борат со дијабетесот, а годишно 1,5 милиони умираат како резултат на оваа болест. Конзумирањето на шеќер, вклучувајќи ги и засладените пијалоци е еден од главните фактори за глобалниот проблем со дијабетесот и дебелината.

Координаторот на Одделот за превенција на незаразни болести во СЗО, Том Ваканивалу за Гласот на Америка вели дека однаочувањето на засладените пијалоци ќе ја намали конзумацијата и ќе спаси голем број на животи.

„Со зголемувањето на данокот, ќе се зголеми и цената на пијалоците за 20 отсто, што пропорционално би довело до намалување за 20 отсто на потрошувачката односно конзумирањето. Освен тоа, на тој начин можеме да ја постигнеме целта, а тоа е намалување на бројот на лица кои имаат здравствени проблеми поради дебелината и дијабетесот“.

Тој вели дека откако во 2014-та година во Мексико цената на засладените пијалоци пораснала за 10 отсто, потрошувачката се намалила за шест отсто до крајот на годината, а кај посиромашното население се намалила за 17 проценти.

Според извештајот на СЗО, Кина се наоѓа на првото место со 43 милиони мажи и 46 милиони жени кои имаат проблем со дебелината. На второ место се САД со 41,7 милиони мажи и 46 милиони жени кои се борат со дебелината.

СЗО препорачува луѓето да конзумираат помалку од 10 отсто шеќери, а за повеќе здравствени придобивки конзумирањето да го намалат на 5 отсто. Предупредуваат луѓето да бидат внимателни, бидејќи шеќерот го има насекаде.

На пример, една лажица кечап содржи една лажица шеќер, а просечна количина житарки за појадок содржи околу четири лажици шеќер.

XS
SM
MD
LG