Во една од индустриските зони во Рамала, Абу Мохамед Јакуб, трговец со метални делови за прозорци и врати, вели дека од почетокот на војната во октомври, клиентите имаат малку пари, а парите од од оние што направиле нарачки - истекуваат.
Тој вели дека цените од неговите добавувачи вртоглаво пораснале.
“Никој не може да оди во Израел да носи производи, бидејќи дозволите за патување се одземени. Затоа производите и суровините се поскапи. Секој што сè уште има залихи од пред војната, ги продава и по повисоки цени“, вели Јакуб.
Одземени се и дозволите за работа во Израел.
Според палестинското Министерство за национална економија, од 7-ми октомври, Израел ги укина дозволите за патување на дури 130.000 Палестинци кои претходно работеле или воделе бизнис во Израел, што го отежнува или го прави невозможно, заработувањето за живот.
Израелските политичари како главна причина ја наведоа загриженоста за безбедноста поради влегувањето на Палестинците на израелска територија.
Но, проблемите со економијата на Западниот Брег поради војната не завршуваат тука.
Поради тоа што Западниот Брег не ги контролира своите граници, Израел собира увозни давачки во негово име. Настрана од дополнителните претреси на возила, од октомври палестинската управа, која управува со Западниот Брег, одби да ги прифати даноците и давачките во знак на протест, откако Израел се обиде да задржи дел од нив поради војната во Газа.
Оттогаш, палестинската управа не може целосно да ги плаќа вработените, еден од нив е и Муате Ел-Баргути, кој работи во оддел за спротивставување на израелското населување на Западниот Брег.
„Секако дека економската ситуација влијае на нас, но мораме да се справиме со условите што ги наметнуваат окупаторите. Израелците велат дека се работи за избегнување на плаќањето плати за семејствата на терористите, но ова е израелска политика насочена кон секој Палестинец“, вели Муате Ел-Баргути, вработен во палестинската управа.
Ел-Баргути додава дека добил само 17 отсто од неговата вообичаена плата во последните три месеци.
Повеќе израелски контролни пунктови на патиштата исто така предизвикуваат проблеми.
„Влијанието на израелските контролни пунктови, поставени од октомври, е значајно - тоа значи дека земјоделските производи што треба да се достават се расипуваат и доцнат... За сè е потребно повеќе време, гас и транспортни трошоци, што ги прави производите непрофитабилни за Палестинците“, укажува Исмат Мансур, независен аналитичар.
За да се стави крај на економските проблеми на Западниот Брег, еден експерт рече дека Израел најверојатно ќе мора да ги пушти палестинските работници да се вратат на работа.
„Тие зборуваат за тоа да се прави постепено и со повеќе безбедносни проверки. Не сум сигурен дека тоа го прават со вистинско темпо, но мислам дека ова ќе се случи. Колку ќе брзо? Тоа ќе видиме", смета Итаи Атер, професор по економија од Универзитетот во Тел Авив.
Постои загриженост меѓу политичките аналитичари дека доколку наскоро не се направи нешто за намалување на притисокот врз Западниот Брег, тоа може да доведе до граѓански немири и повеќе безбедносни проблеми за Израел.
Facebook Forum