Судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп под обвинение за заговор за поништување на претседателските избори во 2020 година ќе се одржи во март, одлучи денеска федерален судија.
Окружниот судија на САД Тања Чуткан процесот го означи како судење од висок профил, закажано за 4 март, која ги отфрли датумите предложени од обвинителството и одбраната.
Обвинителството бараше постапката да почне на 2 јануари, а поротата да биде избрана еден месец претходно, додека адвокатскиот тим на Трамп се обиде да го одложи стартот на судењето до април 2026 година.
Пресудата на Чуткан, донесена за време на сослушувањето во понеделникот, го става судењето точно на средината на претседателската кампања на САД во 2024 година, во која Трамп е водечки републикански кандидат. Судењето ќе започне во период кога гласачите во повеќе од десетина држави ќе излезат на гласање за да ги изберат претседателските кандидати на нивните партии.
Трамп е обвинет за четири кривични дела кои вклучуваат заговор за измама на американската влада и заговор за попречување на официјална постапка.
Тој на почетокот од овој месев се изјасни за невин.
Адвокатите на Трамп се обидоа да го одложат судењето, наведувајќи ги милионите страници документи што мора да ги прегледаат, и поради судир со други кривични предмети кои се во тек.
Адвокатот на Трамп, Џон Лауро, предложениот датум за судење од страна на владата го нарече „навреда на правдата“. Тој наведе дека никогаш во историјата „случај со ваква големина“ не бил на судење за четири месеци.
Но, Чуткан, истакнувајќи дека во случајот има еден обвинет и четири точки од обвинението, рече дека на одбраната не и требаат две години за да го „истражи“ случајот и да се подготви за судење.
Поранешниот претседател се соочува со уште три кривични предмети, од кои две судења се наредната година.
На 25 март, почнува судењето во Њујорк по обвиненијата што произлегуваат од исплата на пари на актерка на филмови за возрасни пред претседателските избори во 2016 година.
На 20 мај, тој ќе се соочи со поротата во Флорида каде што е обвинет за незаконско задржување доверливи документи откако ја напуштил функцијата и ги сокрил од истражителите.
Најновата кривична постапка против Трамп - обвинението издадено на 15 август – поради неговите напори да ги поништи изборните резултати во сојузната држава Џорџија - сè уште не е одреден датѕумот на судење. Неговото изјаснување за тој случај е закажано за 6 септември. Обвинителите бараат датум за судење во март.
Трамп е првиот поранешен американски претседател кој се соочува со кривични дела. Доколку биде осуден, тој може да го помине остатокот од својот живот зад решетки.
До неговото последно кривично обвинение, Трамп го избегнуваше тешкото искушение да мора да биде фотографиран, фотографија која влегува во досие. Но, минатата недела тој беше фотоградиран во затворот во Атланта. Тој стана првиот поранешен американски претседател кој беше фотографиран на таков начин, фотографија која стана достапна за јавноста.
Во меѓувреме, поранешниот шеф на кабинетот на Белата куќа, Марк Медоус, зазеде став пред федералниот суд во Атланта, тврдејќи дека неговиот случај треба да биде преместен од државниот суд во федералниот суд.
Медоус е еден од 18-те соработници на Трамп обвинети заедно со поранешниот претседател во врска со напорите за поништување на изборните резултати во државата.