Линкови за пристапност

Студентите прогласија автономна зона


Најавуваат дека ќе останат на Филозофскиот и Филолошкиот факултет се` додека Владата не ги исполни нивните барања за високото образование

„Почитувани сограѓани, Студентскиот пленум од денес прогласува автономна зона на Филозофски/Филолошки факултет! Автономната зона ќе опстојува се` додека не се исполнат барањата кои ги поставивме. Доколку сакате да ја искажете вашата солидарност, би било убаво да ни помогнете со доставување на храна, ќебиња и санитарни материјали. Ви благодариме!“.

​Со ваква порака на социјалните мрежи, студентите во Македонија, обединети во Студентскиот пленум, започнаа нова форма на протести против владината политика во високото образование, испишувајќи нова страница во македонската историја.

Со вреќи за спиење, торби со облека и храна, од пладне околу илјада млади луѓе ја запоседнаа аулата на Филозофскиот и Филолошки факултет во Скопје. Истото место каде што до вчера најголем дел од нив минуваа и по неколку часа, раскажувајќи случки од испитните сесии, предавањата, вежбите, каде што со возбуда и неизвесност го бараа своето име на долгите списоци на оние кои го минале испитот, од десен е нивна „автономна зона“. Нивниот број постојано се зголемува, а бараат укинување на новиот Закон за високо образование, суштински разговори со Владата при подготовката на нови закони, и, да не бидат повеќе игнорирани и манипулирани.

„Бараме законот да се одложи до 2018-ма и не барам да се одложат само членови од законот, бараме целиот пакет-измени да се одложи, и не само да се одложи, бараме да се формира нов закон со кој ќе биде заменет овој закон. Бараме да се потпише спогодба, ректоратот и МОН во која ќе пишува дека рамноправно во креирањето на законот ќе учествуваат и студентите од Студентски пленум, а не студентите од студентскиот парламент“, вели студентката Ана Кнежевиќ.

Со транспаренти, „Не сте свесни колку сме бесни“, „Свирни за демократија“, „Ако не ние, кој? Ако не сега кога?, „Окупирам за да ослободам“, „Нема да сркаме што сте ни надробиле“, „Не сакам да живеам во 1984“, одлучни се, како што велат, да останат тука сè додека не им се исполнат нивните барања.

„Тука ќе спиеме и ќе јадеме. Ги повикуваме сите студенти да ни се придружат на нашата автономна територија, бидејќи заедно сме посилни“, порача еден од стидентите.

„Студентите овој пат решаваат да го земат назад она што нив изворно им припаѓа и одлучно да прогласат автономна студентска зона или Универзитет под студентска контрола. Она што го бараме е она што ни следува, уставно загарантираната автономија која ќе ја бараме на алтернативен начин преку паралелно функционирање во рамките на Универзитетот, преку алтернативни предавања кои ќе имаат за цел критички да ги преиспитаат веќе установените догми и практики на Универзитетот“, рече Дејан Лутовски од Студентскиот пленум пред насобраната толпа пред платото на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. Тој кажа дека во изминатите четири месеци имале активен отпор, но и покрај тоа биле игнорирани од надлежните, а ова денеска „е само адекватен одговор на паранормалното функционирање на високото образование, кое со последните измени го достигнал врвот на апсурдот“.

„Сево ова е во насока на каприцот на владејачката елита да си скрои образование по сопствена мерка без да си го дозволи луксузот за било каква јавна дебата или спротивставено мислење“, рече тој.

Ќе се „окупираат“ и другите факултети

Се‘ започна околу пладне, кога претставници на Студентскиот пленум, одеа од предавална во предавална на сите факултети во дворот на УКИМ и, извикувајќи „автономија“, ги повикуваа студентите да ги напуштат предавањата и да им се приклучуваат. На професорите коишто држеа настава им објаснуваа дека овој закон најмногу ги засега и токму и затоа да им објаснат на студенти зошто треба да ја бојкотираат наставата. Оттука, со сите оние коишто одлучија да ги следат, заминаа на Филозофскиот факултет. Потоа ја запејаа студентската хумна “Гаудеамус игитур“, а од дел од нивните професори, коишто им дадоа поддршка, беа поздравени со аплауз.

„Од денеска почна нова иднина во државата благодарение на македонските студенти и јас сум горда што сум професорка. Тие не` водеа и научија како треба да се однесуваме во овој момент. Респект за студентите. Ако треба, ќе спиеме со студентите, ќе им носиме јадење, затоа што уневерзитетот е наш, наш дом, наша куќа“, изјави професорката Синоличка Трпкова.

Во меѓувреме, Собранието изгласа одложување за една година на спроведувањето на државниот испит за студентите, а за две години на обврската професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт-фактор, измени на експресно донесениот Закон за високо образование, коишто беа договорени на средбата на претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум со премиерот Никола Груевски и министерот и заменик-министерот за образование, минатата недела. Но, од Студентскиот пленум велат дека ќе бидат задоволни само кога овој закон целосно ќе се повлече.

На денешното прогласување на автономната зона немаше реакција од надлежното министерство.

„Интересно е како власта во последниве неколку дена се чини дека магично исполнува желби. Со оглед на тоа што се работи за закон против кој во последните 4 месецa се јави страшен отпор, и кој беше изгласан во собранието речиси насилнички, имаме причини да се сомневаме дека ваквото попуштање (иако нецелосно) не значи дека премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба. Да не заборавиме, додека премиерот ветува, а нашите народни избраници демек гласаат, на МТВ сè уште врви рекламата колку државниот испит е супер. Изминативе 4 месеца, кога и да пружевме отпор бевме игнорирани, или етикетирани. Се сеќавате на насловите како „Студентскиот пленум не постои“? Се сеќавате на изјавата на премиерот „Не знам зошто протестираат, нивна работа, нека протестираат“? Се сеќавате на сите црвени крукчиња? Затоа сега дозволете ни да бидеме скептични во оваа ненадејна попустливост. Не дозволуваме да нè купи ова омекнување на реториката, бидејќи, на крајот на краиштата, ништо не ни гарантира дека кога сè ќе стивне, нема да се заборави она што е ветено, а тоа е усвојување на целосно нов закон за високо образование“, се вели во соопштението на Студентскиот пленум.

Нема компромис со автономијата на универзитетот, порачаа студентите. Според нив, по сите заокружувања и партиски етикетирања, организирања контрапрофесорски пленуми, минимизирања на бројот на студенти коишто се против државен испит, студентите велат дека нема да попуштат, а на владата и` порачаа дека се лаже ако мисли дека ги стишала. Најавуваат дека деновите ќе ги исполнуваат со предавања, концерти и други настани и ќе се подготвуваат за, како што велат, „окупирање за ослободување“ и на другите факултети во Скопје.

XS
SM
MD
LG