Се чини дека никакви совети не можат да ги убедат студентите да спијат повеќе.
Но, еден професор смисли понуда која тешко се одбива.
Мајкл Скулин им предава наука на спиење на студентите по психологија на Бејлор Универзитетот во Вако, Тексас. Неговите предавања, покрај другото, се однесуваат и на тоа какви психички и ментални здравствени проблеми може да предизвика недоволното спиење.
Лицата кои недоволно спијат имаат потешкотии да се фокусираат и да ги контролираат своите емоции, а се соочуваат и со зголемен ризик од болести.
„Кога најмногу се лишувате од сон тогаш најмалку можете да процените колку сте поспани и како тоа влијае врз вас“, вели Скулин. Американските центри за контрола и превенција на болести им советуваат на возрасните да спијат најмалку седум часа во текот на ноќта за да останат здрави, но се повеќе Американци спијат помалку од шест часа во една ноќ.
Скулин вели дека на неговите студенти многу им се доаѓаат предавањата. Но, кога ги запрашал дали спијат повеќе откако научиле колку е тоа важно, повеќето рекле дека не спијат подолго од претходно.
Затоа Скулин добил генијална идеја како да ги натера студентите да спијат повеќе. Тој им понудил дополнителни кредити на завршниот испит, кој е најважниот тест.
Идејата во пракса профункционирала подобро одошто Скулин очекувал. Студентите кои спиеле повеќе имале подобри резултати на часовите. Ваквото откритие Скулин го објавил во академски научен труд минатиот ноември.
Како течел експериментот?
Експериментот започнал со студентите по психологија. Скулин им понудил дополнителни кредити на завршниот испит ако спијат најмалку осум часа во текот на ноќта. На оние кои се согласиле да учествуваат во експериментот, а не спиеле најмалку осум часа, им биле одземани кредити.
Со специјални мерачи се следело колку време спијат студентите.
Од 18 студенти осум се согласиле да се приклучат на експериментот. Сите студенти кои учествувале покажале подобри резултати на часовите, дури и пред да ги добијат дополнителните кредити.
Скулин го повторил експериментот со 16 студенти по дизајн. Тој решил да не ги казнува студентите кои не успеале да спијат по осум часа во текот на една ноќ и биле добиени истите резултати.
Даниел Бесесен од Здравствениот и велнес центарот при Универзитетот на Колорадо вели дека идејата на Скулин ја потврдува тезата дека спиењето ги подобрува академските перформанси, додека студентите кои не спијат доволно пред испит имаат полоши резултати.
Како луѓето да се натераат да спијат повеќе?
Скулин и Бесесен имаат неколку совети:
- Родителите треба да спијат доволно за да бидат модел од кој нивните деца ќе ги преземат навиките. Бесесен додава дека некои медицински програми препорачуваат студентите да спијат повеќе заради превенција на несреќи.
- Избегнувајте гледање во електронски уреди пред спиење.
- Не конзумирајте кофеин шест часа пред спиење.
- Обидете се да легнувате секоја вечер во исто време.
- Ако не можете да ги смирите мислите кога ќе легнете во кревет, станете и во десеттина минути испишете ги вашите мисли.
- Ако се разбудите сред ноќ и не можете да заспиете повторно не вклучувајте ги светлата. Наместо тоа станете од креветот и одете во друга соба. Останете таму додека не почуствувате замор.
Facebook Forum