Повеќе илјади студенти денеска се собраа пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и се упатија кон Собранието, а маршот го завршија пред Владата на Република Македонија каде што јавно го изразија својот револт од најавеното екстерно тестирање.
Членовите на неформалното студентско движење Студентски пленум пред Владата го прочитаа писмото со своите барања, како и образложението зошто се противат на најавеното екстерно тестирање. Според нив, ваквиот начин на тестирање претставува упад во универзитетската автономија и тоа сериозно ќе нанесе штета на квалитетот на високото образование.
„Брзите реформи раѓаат слепи студенти“, извикуваа студентите за време на маршот.
Студентскиот пленум доби поддршка и од студентите на речиси сите други универзитети, без разлика на етничката припадност, а во маршот им се придружија и граѓани.
„Ова беше успешен протест и им благодариме за големата поддршка на граѓаните од целото општество. Се надеваме дека овој пат доволно не` слушнаа и ќе го земат предвид ова што денеска се случи. Веруваме дека ова беше доволен сигнал за да излезат во пресрет на нашите барања и да не` примат на официјална средба на која ќе ги искажеме нашите ставови како студенти, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик Магдалена Петковска, студент на Природно-математичкиот факултет на УКИМ.
Во дел од медиумите беше објавена информација дека студентскиот протест е организиран од опозициските политички партии. Ваквите тврдења студентите категорично ги отфрлаат и велат дека станува збор за автентичен студентски протест.
„Протестот нема никаква политичка позадина. Се организиравме сами како студентска иницијатива бидејќи сме директно засегнати од овој проблем. Протестот беше непартиски, нерелигиски и неетнички, што покажа и поддршката која стигна од сите универзитети и средни училишта“, ни рече Магдалена Петковска.
Засега, во врска со денешиот протест на студентите, нема никаква официјална реакција од институциите.
Студентскиот пленум најави дека ќе продолжи со своите активности дури и ако овој проблем биде решен.
„Имаме и други проблеми поради коишто сме мотивирани да продолжиме со нашите активности“, вели Петковска за Гласот на Америка на македонски јазик.
Протестот мина мирно и без инциденти.