Линкови за пристапност

Македонија со увоз покрива 40 проценти од енергетските потреби


На првиот енергетски форум во Струга, Амбасадорот на САД, Џес Бејли, порача дека САД се посветени на намалување на ризиците од користењето на руски гас

Македонија останува енергетски зависна држава, особено од увоз на природен гас и нафта. Ова беше заклучокот на првиот енергетски форум кој во организација на државната компанија ЕЛЕМ, Владата на Република Македонија, Амбасадата на САД во Скопје и Институт ЗИП, што се одржа во Струга.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кажа дека енергетиката е круна на економијата, но оти се неопходни инвестиции во нови и обновливи извори. Според него, со изградба на нови хидроцентрали како што е Чебрен - Галиште, значително ќе се зголеми производството на електрична енергија и ќе се намали увозната зависност од струја.

„Денес Македонија е целосно енергетски зависна земја. Ние немаме извори на нафта и гас, што значи дека во тој дел сме целосно зависни од увоз. Имаме производство само на електрична енергија, јаглен и други енергенси. Меѓутоа тоа е помалиот дел од енергетиката во Македонија. Онаму каде ние можеме да создаваме сопствени ресурси, е електричната енергија. Македонија секоја година увезува помеѓу 30 и 40 проценти за своите потреби. Тоа може да се надмине единствено со поставување на сите енергетски капацитети во функција“, рече Анѓушев.

Како пример беше посочена сончевата енергија којашто за сега е многу малку искористена.

„Македонија е држава каде сончевата енергија обилува. За жал, досега се имплементирани само 16,8 мегавати фотоволтации. Законот за енергетика овозможува да се инсталираат неограничен број на мегавати, а државата ќе го детерменира своето земјиште за да ги намали трошоците на инвеститорите и ќе ги заврши сите државни работи во делот на урбанизација, пренамената на земјиштето за да го подготви за 200 мегавати фотоволтациите“, рече Анѓушев.

Вицеппремиерот кажа дека со Законот за енергетика кој веќе стапи на сила, ќе се овозможи конкурентност и либерализација на пазарот, со крајна цел цените да бидат во функција на граѓаните.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли кажа дека САД ги поздравуваат напорите на Македонија за интеграција во регионалниот енергетски пазар преку изградба на далноводи со кој државата ќе се поврзе со соседните земји.

„Ги подржуваме напорите за обезбедување на повеќе различни извори на гас преку поврзаноста со Грција. На тој начин ќе се помогне Македонија да стане и транзитна земја. И, овде работиме на поддршка на разновидност на изворите на енергија. Подржуваме развој и на локални извори. САД подржуваат динамичен енергетски сектор во Македонија. Па дури и компаниите од САД гледаат можности во Македонија и регионот во оваа област“, изјави Бејли.

Тој порача дека САД се посветени на намалување на ризиците од користењето на рускиот гас.

„Се` уште има 11 земји кои се повеќе од 75 проценти зависни од рускиот гас, додека други се само половина. Македонија е една од петте најранливи, односно најчуствителни земји од евентуално затворање на дотокот на руски гас. Но, да бидам јасен, САД немаат цел да го попречат снабдувањето со руски гас, а ние сме 100 проценти посветени на намалување или елеминирање на ризиците. Сме виделе примери каде таква зависност од рускиот гас била злоупотребена“, рече Бејли.

„САД веќе долго време застапуваат проекти како што е јужниот коридор за гас кој ќе и` овозможи на централна и јужна Европа да добие пристап до гас од Азербејџан. Исто така извозот на течен природен гас од САД почнува да се извезува кон северните терминали и Грција“, додаде американскиот амбасадор.

На конференцијата „Македонски енергетски форум 2018“ имаше учесници од повеќе земји од Европа и САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG