Линкови за пристапност

Почнуваат 56-те по ред Струшки вечери на поезијата


Американскиот поет со српско потекло Чарлс Симиќ, е годинешниов добитник на највисоката награда на Струшките вечери на поезијата - Златен венец. Фестивалот започнува вечерва пред платото на Домот на културата во Струга, со манифестацијата Поетски мередијани на која стихови од своите поезии ќе читаат сите учесници на фестивалот, или 30-тина.

На Симиќ, кој со семејството емигрирал во САД во 1953-та, ова му е трето доаѓање во Македонија, а второ на Струшките вечери.

„Во 1972 година овде бев една недела. Повторно се вратив во 1982-та и поминав одреден период во Скопје. Секогаш ми е возвишено чувството кога сум во Македонија. Македонците се многу гостопримлив народ и затоа секоја средба со нив ми е многу пријатна исто како и кога ја вкусувам овдешната храна“, рече Симиќ.

Тој е карактеристичен по тоа што на почетокот на 90-те години почнал да пишува поезија со политички мотиви, иснпирирана и од војните на поранешна Југославија. Член е на Американската академија за уметност и книжевност од 1995-та година. Симиќ е добитник и на бројни награди меѓу кои и Пулицеровата награда, и наградата Poeta Laureatus на Конгресната библиотека во Вашингтон.

„Деведесетите години беа лош и ужасен период за мене бидејки израснат сум во семејство кое се сметаше за Југословени. Роден сум во Белград. Тој период беше многу несреќен, не само за мене, и за многу други луѓе. Кога гледавме на телевизија се` што се случува со војната во Босна, Хрватска, тие настани се рефлектираа во моите поеми. Има многу насилство во песните. Не спомнувам места и имиња, но војната е присутна“, вели тој.

Во Струга деновиве се` е во знакот на оваа најголема поетска манифетација во Македонија, па и пошироко. Во центарот на градот се поставени знамињата на сите земји-учеснички од целиот свет.

„Ние годинава ја славиме светската поезија, но фокусот ќе биде на творештвото на добитникот на Златниот венец, Чарлс Симиќ. Тој е познат и на нашите простори и е доста преведуван овде. Направил одлични преводи на многу македонски поети и на клучни песни во македонската поезија но и на цели избори на книги“, рече Мите Стевоски, директор на Струшките вечери на поезијата.

Фестивалот ќе трае до 27-ми август, кога завршува официјалниот дел со меѓународно поетско читање и со врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. Фестивалот ќе ги посети и околните градови Битола, Ресен, Охрид и Скопје.

Во рамки на програмата се предвидени 50 настани, поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, симпозиуми, дебати, музички и други случувања. Во паркот на поезијата во Струга, Симиќ засади дрво, во знак на сеќавање за идните генерации.

И оваа година локалните власти во Струга ќе го бојкотираат фестивалот поради, како што велат од општината, непочитувањето на законот за јазици и неупотребата на албанскиот јазик на овој настан.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG