Иако туристичката сезона во Струга веќе заврши, во малата туристичка населба Калишта, која се наоѓа на само неколку километри од градот, се` уште има туристи.
Кампери од Германија, Швајцарија и од Холандија престојуваат овде. Со специјални возила, прилагодени за живот подолго време, поминале неколку илјади километри за да стигнат до Калишта.
Хари и Мире, млад брачен пар од Холаднија, првпат се овде. Tие преку Полска, Украина, Романија и Бугарија дошле до Македонија.
„Внатре во колата е како во мала куќа. Имаме два до три квадратни метри, и затоа е тешко. Моравме да ги извадивме масите и столчињата надвор.Тешко е да имаш се`, а патуваме и по неколку илјади километри“, вели Хари, турист од Холандија.
Овде ги сретнавме и Александра, и Ајлин од Германија. Во најголем дел станува збор за луѓе со авантуристички дух, кои велат дека за Калишта слушнале од нивни пријатели.
„Првпат сме во Македонија.Убава држава, планини и пријателски луѓе. На нашите пријатели во Германија ќе им препорачаме да дојдат тука, бидејќи е навистина добро место“, вели Александар, турист од Германија.
Оваа сезона, низ Калишта поминале неколку стотина кампери од сите краеви на светот. Угостителите велат дека за наредната година имаат двојно повеќе најави за посети.
„Кампери има до крајот на годината, и потоа бројот се намалува. Во јануари нема, но, во март и април ќе дојдат други семејства. Оваа година имавме и туристи од Австралија, кои паатуваа со велосипеди. Тоа е многу интересно за нас. Имавме и од Јапонија, но, и од други земји, како од Нов Зеланд, кои исто така патуваат со велосипеди“, вели Перпарим Садик.
И додека Калишта станува се` поуспешна приказна, првиот впечаток за ова место ни малку не е добар.
Купишта ѓуре, најмногу цврст и друг вид отпад, се расфрлани од двете страни на патот.
На некои места отпадот директно влегува и во самото Езеро, што претставува лоша слика за регионот. Мештаните велат дека без помош на државата и Општината, во иднина нема да може да развиваат туризам.
Facebook Forum