Линкови за пристапност

Отров од пајак надеж за пациентите со мозочен удар


Според австралиски биохемичари, отровот од опасен пајак може да ги подобри шансите за преживување на пациентите со мозочен удар.

Убод од мрежниот пајак од остров Фрејзер може да убие човек за 15 минути, но неговиот отров може и да спаси живот и се користи за развивање на лек за спречување на оштетувањето на мозокот. Научниците велат дека токсиниот може да го спречи умирањето на клетките по мозочниот удар.

Научниците од Универзитетот во Квинсленд веруваат дека тоа е откритие кое може да им помогне на пациентите по мозочен удар додека се носени во болница. Докторите често зборуваат за четири и полчасовен „прозорец“ за да може да им се даде соодветна грижа и лекови на пациентите по мозочниот удар.

Истражувачкиот тим верува дека лек развиен од отров од пајак може да им биде даден веднаш на пациентите и да спречи понатамошно оштетување на мозокот по мозочниот удар.

Мрежниот пајак од остров Фрејзер е единствен вид кој живее во австралиската држава Квинсленд. Овој вид живее во дупки под земја и песок.

Клиничките испитувања се` уште не се направени, но тимот вели дека експериментите со глодари биле успешни.

Светската здравствена организација вели дека мозочниот удар е втората водечка причина за смрт на глобално ниво, а трета водечка причина за попреченост.

Во Австралија, се проценува дека секоја година околу 56.000 луѓе страдаат од прв или повторен мозочен удар.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG