СКОПЈЕ – Екс министерот Миле Јанакиески ја победи државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП)и ќе добие оштета од 6.100 евра бидејќи бил држен во притвор иако немало законски услови за тоа. Согласно пресудата на судот во Стразбур, на Јанакиески му било повредено правото на слобода по членот 5 од Европската Конвенција за човекови права во два случаи. Во предметите „Шпански Скали“ и „Организација на 27-ми април“, Јанакиески бил држен во домашен притвор иако според судот во Стразбур не постоеле причини за тоа, а ЕСЧП најде повреда на правата на Јанакиески и во кога станува збор за тоа како се одлучувало по неговите жалби на одредените мерки од Кривичниот суд односно дека траело предолго и го надминало рокот од 48 часа.
„Предметот се однесува на две кривични постапки против Јанакиески, првата за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а втората за злоупотреба на службената положба, при што со одлуки на домашните судови тој беше лишен од слобода. Потпирајќи се на член 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, Јанакиески се жали на наводна незаконитост и самоволие, немање релевантни и доволни причини и недостиг на брзо преиспитување на неговото лишување од слобода. Утврдена е повреда на член 5 став 3 поради немање доволно причини за лишување од слобода на жалителот и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на ‘брзо’ преиспитување на лишувањето од слобода на жалителот“, стои во пресудата на ЕСЧП.
Од кривичниот суд, преку соопштение ја информираа јавноста дека според пресудата на судот во Стразбур, притворот за Миле Јанакиевски бил оправдан а критикувана била должината на жалбената постапка.
„ Пресудата на ЕСЧП е веќе достапна на нивната веб страница и потребно е точно и внимателно да се прочита нејзината содржина пред да се навлезе во неосновани критики и погрешни заклучоци, со кои се информира јавноста. Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степен, напротив ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и „брзината“ на жалбената постапка во повисок степен. Во прилог на образложението дека основаноста на определениот притвор бил поткрепен со соодветни докази говори и точка 95 од пресудата според која „нема индикации дека оценката направена од домашните судови во овој поглед била произволна или очигледно неразумна““, стои во соопштението од Кривичниот суд.
Вчера, застари и предметот „Топлик“ за продажбата на Сончев град каде исто така беше обвинети Јанакиески. Уште на првото рочиште во Кривичниот суд, откако по вторпат на повторно судење предметот беше вратен од Апелацискиот суд, Обвинителството се откажа од гонење. Апелација ја укина првостепената пресуда со која екс министерот Јанакиевски доби три и пол години затвор, а останатите четворица обвинети беа осудени но и добија ослободителни пресуди. Судиите во Апелација ја донеле одлуката за враќање на предметот на повторно судење дента кога во Парламентот се изгласаа измените на Кривичниот законик (КЗ), но во периодот додека одлуката да стигне во Кривичниот суд новите одредби веќе беа на сила.
Од Апелација потврдија и дека кривичното дел на Сашо Мијалков за примање награда за противзаконито влијание во судскиот процес „Титаник 2“ е застарено и тоа уште од април. Во последната одлука Апелација пресуди дека останатите обвинети во „Титаник 2“ наместо затворски казни им се изрекуваат условни. Согласно одлуката на Апелација наместо две години затворска казна на која првостепено беа осудени лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК) сега се осудени на условни казни од две години затвор доколку во следите четири години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.