Линкови за пристапност

Страв од корнавирус: европските и американските берзи паѓаат


Европските пазари паднаа за околу 3% на крајот на денот, додека главните индекси во Њујорк беа пониски за 2% на почетокот на тргувањето.

За една недела индексот „Стандард и Пурс 500“ се намали за околу 10%, додека дневните извештаи од светот бележеа ширење на болеста која досега уби над 2.800 и зарази над 82.000 луѓе. Слично, индексот „Дау Џоунс“ на 30 клучни американски акции падна за речиси 11%.

Во двата случаи, големината на падот на акциите се смета за сериозна корекција на пазарот кој до неодамна одеше во нагорна линија.

Здравствените власти на САД предупредија за опасност од ширење на коронавирусот во земјата иако досега се потврдени само неколку случаи.

Американските берзи паднаа неколку часови откако Претседателот Доналд Трамп во средата доцна попладнето го опиша здравствениот ризик во САД како „многу мал“. Трамп одреди Потпретседателот Мајк Пенс да ги надгледува владините напори за борба со ширењето на болеста.

Подготвени сме да се адаптираме и да направиме се што е потребно кога болеста ќе се прошири, ако се прошири.
Доналд Трамп, Претседател на САД

Тој рече дека само 15 луѓе се заразиле додека биле во САД и оти се очекува сите да закрепнат.

Трамп, кој често го посочува берзанскиот раст за време на неговиот мандат, за сегашниот пад вината не ја лоцираше единствено во коронавирусот. Тој рече дека инвеститорите се уште ги анализираат бројните демократски кандидати кои треба да му се спротивстават нему во ноември и поради тоа се воздржуваат од купување на акции.

„Мислам дека тие се многу вознемирени кога ги гледаат демократските кандидати како од себе прават будали додека се на сцената“ рече Трамп кој воедно предвиде и дека берзите повторно ќе тргнат нагоре доколку тој биде реизбран.

XS
SM
MD
LG