Два пати неделно, по 90 минити, дел од украинските бегалци во Северна Македонија посетуваат бесплатни курсеви по македонски јазик на Црвениот крст. Покрај тоа што се прилагодуваат на овдешниот живот, тие го учат и локалниот јазик со цел полесна интеграција во македонското општество. Професорката Анета Ѓорѓиевска Наковска, вели дека поголем дел од нив го разбираат јазикот, но оти има и такви кои одлично го зборуваат.
„Едноставно сакаат да бидат разбрани и да разбираат што им се зборува да можат да функционираат во секојдневниот живот што подобро. Имавме три групи, почетно, средно ниво и продолжително ниво. Ги одбираме како го знаат јазикот“, вели Ѓорѓиевска Наковска.
За оние кои живеат во другите градови, се организираат онлајн курсеви. Од околу 120 ученици, најмладиот има само 5 години, а највозрасниот 72.
„Како луѓе се прекрасни, добри, имаат голем интерес, брзо го совладуваат и многу се дисциплинирани, имаат голема желба. Пишуваат и домашни задачи, што не е јасно се јавуваат. Бараат да гледаат македонски филмови и да слушаат македонска музика, за да што побрзо го совладаат македонскиот јазик“, вели Ѓорѓиевска Наковска.
Но за овие луѓе и нивните деца се организираат и работилници со психолози, со цел полесно и побрзо надминување на траумите кои врз нив ги оставила војната.
„Кај децата секогаш има една весела атмосфера и тие поинаку ја прифаќаат реалноста и капацитетот на адаптација е многу поголем. Моментот е тука што посебно во оваа средина во која сме сега и тука, пробуваме да ги одвлечеме од се, но и да им дадеме едно чувство на припадност“, вели психологот Никола Дукоски.
Но траумите некогаш на површина излегуваат многу подоцна објаснува Дукоски. Затоа особено со најмладите се работи на најразлични вежби.
„Ние правиме развојни вежби со кои претежно се вклучуваат моторичките функции, од типот на движења, анимациски вежби, вежби со музика, кои многу добро придонесуваат за детскиот развој. Не правиме тестирања или нешто што е претерано мисловно, се со цел на еден поинаков начин децата да дојдат до мир, добра благосостојба, дружење, пријатност, спријателување и размена која прави да се чувствуваат сигурни“, рече Дукоски.
A за професорката работата со овие луѓе е големо искуство за неа. Вели дека најголема желба на овие луѓе им е да се вратат во својата татковина но оти има и такви, кои сакаат да останат во земјата.
„Едноставно се пронашле во оваа мала средина, им е се достапно, им е се поблиску. За разлика од Украина, каде еден Киев има 4 милиони жители, а нашата Македонија им е само 2 милиони жители. Многу се задоволни од гостопримството на македонскиот народ“, рече Ѓорѓиевска Наковска.
Ова е само еден од начините на кои им се помага на украинските бегалци. Преку Црвен крст се спроведуваат и најразлични други активности, како што се, правна, медицинска и хуманитарна помош и асистенција, и комплетно адаптирани програми наменети за нив.