Линкови за пристапност

Штрковите атракција во Белчишта


Штрковите во Белчишта атракција за посетителите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Вистинска атракција се големиот број штркови кои после поминати иљадници километри од далечните краишта секоја пролет доаѓаат во Белчишта кај Охрид.

Секоја пролет во селото Белчишта во општината Дебарца, два штрка редовно се враќаат во едно од гнездата на селските куќи. Ова село со околу 200 луѓе станува се` повеќе познато по големиот број на штркови кои го населуваат. Доаѓаат во март и си одат на почетокот на септември. Годинава нивниот број е нешто повеќе од четириесет. Овде го сретнавме 80-годишниот Целе Блажески, кој ни кажа зошто штрковите го сакаат овој крај.

„Кај нас штрковите доаѓале од порано, затоа што местото е мочурливо. Тие такво место бараат. Тие се хранат со месо, жаби, змии, смокови, глувци и скакулци. Секоја година доаѓаат на истите седла. Идат секогаш во пар. Се размножуваат и по три до четири штркчиња“, рече Блажески.

Блажески вели дека кога си заминуваат тоа го прават групно и во еден ист ден.

„Денеска ги гледаш сите штркови, а утре сабајле неможеш да видиш ниту еден“, додава тој.

Последните години за нив се грижат и работниците кои ја одржуваат електричната мрежа во селото, бидејќи речиси и да нема електричен столб каде што нема гнездо.

„Од ЕВН им направија корпи од железа за да не им се расипат гнездата, бидејки штрковите ако им го растуриш гнездото тие пак ќе си го направат. Тие не одат по други места да прават нови гнезда“, вели Илија Славески, жител на Белчишта.

Локалната власт во комбинација со чистата и недопрена природа сака од ова да направи атракција за развој на руралниот туризам.


„Сето тоа може да се искористи, да се валоризира и да се прикаже како уште една приказна и атракција и да бидат штрковите дел од туристичката понуда на Дебрца. Во наша непосредна близина на околу еден километар се наоѓа Белчишкото блато “Сини вирови” кое е последното зачувано водно живеалиште на тоа блато е една од причините што овде штрковите редовно доаѓаат“, ни изјави градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Но, жителите се загрижени дека евентуалната изградба на регионална депонија во нивната општина која веќе се најавува, може да го наруши екосистемот, а со тоа и доаѓањето и размножувањето на штрковите. Иако, според државата, таа ќе биде направена според највисоките светски стандарди.

„Веднаш по изградбата на депонијата и штрковите ќе се затрујат од разните хемикалии што ќе се фрлаат во неа. Ќе се изгубат и штрковите и гавраните и чавките и сите птици“, вели Богоја Петрески, жител на Белчишта.​

Жителите на Белчишта сепак се среќни, затоа што приказната за штрковите во нивното село продолжува.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG