Линкови за пристапност

Стоиме со вас во напорите да го промовирате владеењето на правото, рече Блинкен за Денот на независноста


Ентузијазмот и оптимизмот за иднината на младата држава, од вечерта на 8 септември 1991, кога тогашниот претседател Киро Глигоров рече „да ви ја честитам на сите слободна, суверена и самостојна Македонија”, во годините што следеа наместо да се зголемуваат континуирано се намалуваа – економска криза, блокади, вета, богатења на малкумина наспроти осиромашување на многумина, војни во соседството, конфликт дома, безмалку бесконечни одложувања во процесите на евро и евроатлантско интергирање, автократски владеења...

32 години подоцна, данокот за ненавременото создавање систем на вредности во кој меѓудругото квалитетот ќе биде пред партиската припадност, си го зеде своето – иселувањето на младите не се намалува, иднината се бара надвор, а не дома, довербата во институциите се топи, особено во правосудството кое треба да обезбеди еднаква правда за сите, образованието тапка во место, а здравството е далеку од тоа што треба да биде...

Земјата, може да се пофали дека, по сериозни отстапки кои значеа и промена на името, успеа да стане дел од НАТО, но членството не го донесе волшебното стапче кое би значело уредена држава по европски терк.

Тоа, на Денот на независноста, го констатира и дел од државниот врв.

„Низ годините бележевме и успеси и неуспеси, некои од нив се случија токму на денот на независноста. Успесите не радуваа, но, за жал, примерите на злоупотреби и системски потфрлања ја рушеа довербата во институциите и ја обезвреднува самата држава. А цената ја плаќаат оние кои најмалку придонеле за таквите состојби ‒ учениците во образованието, болните во здравството, сиромашните и младите. Сè почесто солидарноста и емпатијата започнаа да им отстапуваат место на себичноста и апатијата, а, тоа е амбиент во кој луѓето не сакаат да живеат. Почитувани сограѓани, Знам дека ова не се вообичаени празнични пораки, но, се неопходни, затоа што, граѓаните на 8 септември 1991-та гласаа за уредена и просперитетна Македонија која се` уште ја немаме. Денес нам ни е потребен нов колективен напор, но, притоа, карактерот на тој потфат треба да биде соодветен со времето во кое живееме. Од нас денес не се бара илинденскиот илипартизанскиот хероизам наспроти тиранијата. Од нас денес се бара да имаме фунционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски, за разлика од претседателот, е помалку критичен, а повеќе оптимистичен – во обраќањето се фокусираше на точката која е примарна за неговата влада – пристапувањето во ЕУ, процес кој во моментот зависи и од уставните измени кои засега го немаат потребното мнозинство во Парламентот.

„Денес живееме во држава со осигурани територијални граници. Со признаен македонски јазик и македонски идентитет. Држава којашто е пример за почитување на човековите права, како успешна, мултиетничка и мултикултурна функционална демократија. Европа во мало. Ако некогаш било вистинското време: да го обезбедиме животниот стандард што го посакуваме, квалитетот на живот што го заслужуваат нашите млади, да живееме во земја во којашто владее функционално право, во еколошки чиста, зелена средина, енергетски независна држава, со конкуретно земјоделство, со шанси за пристап до европскиот пазар од половина милијарда луѓе – тоа е денес. Интеграцијата во ЕУ за нас дома значи уште погoлeми плати, нови работни места и поголем избор, повеќе современи градинки, училишта и болници, многу поголема државна поддршка за домашните претпријатија, уште повеќе странски инвестиции. Граѓаните денес сакаат да живеат во ваква, современа држава, којашто е дел од Европската Унија“, изјави Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, невообичаено за него, на 8 септември не настапи со политички говор и со очекуваните критики за власта, туку, во планински амбиент, го честиташе Денот на независноста.

„Среќна независност и вековита да си Македонијо!“, рече тој.

Честитка за Денот на независноста прати и Вашингтон – клучниот сојузник на земјава од 1991 наваму.

„САД ја поддржуваат Северна Македонија во реформите за интегрирање во ЕУ и создавање односи, посилни од кога било, со соседните европски земји. Северна Македонија направи големи чекори за да обезбеди просперитет на сите нејзини граѓани додека се соочува со глобалните предизвици, а ние стоиме со вас во вашите напори да го промовирате владеењето на правото. Со нетрпение очекуваме да го зајакнеме нашето партнерство со Северна Македонија и да ги унапредиме нашите заеднички демократски вредности во годините што доаѓаат“, пишува во изјавата на државниот секретар Ентони Блинкен.

Од сите предизвици кои претстојат, Вашингтон реши јасно да издвои еден – владеење на правото.

XS
SM
MD
LG