Линкови за пристапност

Ќе му помогне ли на Пендаровски искуството од 2014 на изборите в недела?


Ќе му помогне ли на Пендаровски искуството од 2014 на изборите в недела?
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:06 0:00

Зад него застана целата владејачка коалиција, вклучувајќи ја и ДУИ

Во пет години, два пати ја трча претседателската трка - Стево Пендаровски со искуство од минатите избори за шеф на државата влегува во битката за првата функција во државата.

Но, овојпат за разлика од 2014-та, важи за фаворит. Зад него застана целата владеачка коалиција, вклучувајќи ја и ДУИ на Ахмети која пред пет години не го поддржа во борбата против Ѓорѓе Иванов и ВМРО-ДПМНЕ во која влезе, иако беше свесен дека шансите за победа беа речиси никакви.

Ситуацијата сега е поинаква, ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, прашањето за името е решено, земјата излезе од ќорсокакот во меѓународните организации во кој беше со години - полноправното членство во НАТО е прашање на време, се чека на датум за преговори со ЕУ.

Во биографијата на овој 56-годишен Скопјанец пишува дека е роден во земјотресната 1963, дека завршил Правен факултет во 1987 година, дека кус период работел во адвокатска канцеларија, за потоа кариерата да ја продолжи во МВР каде бил и шеф на одделот за аналитика.

Со него јавноста се запозна во 1999-тата за време на косовската криза и конфликтната 2001, кога беше и портпарол на МВР. Истата година полицијата ја заменува со висока позиција - советник за национална безбедност на претседателот Трајковски. Со него, како еден од најблиските соработници, останува се до трагичниот пад на „кингерот“ во 2004 година. Тој, како претставник на кабинетот на Трајковски, е во Даблин каде Македонија ја предаваше апликацијата за членство во ЕУ, што противниците често му го забележуваа.

„Јас сум ден порано отиден во Даблин, така Борис сакаше. Тука нема каква било мистификација. За работи за една грозна манипулација и политизација на еден трагичен настан“, изјави Пендаровски во 2014 година.

Во 2004 и 2005 ја извршува функцијата претседател на Државната изборна комисија. Службата ја продолжува во кабинетот на претседателот Црвенковски, како советник за надворешна политика. 2009 година ја напушта администрацијата и станува професор на еден од приватните универзитети во Скопје. Неговиот ангажман во политиката останува како остар критичар-аналитичар на состојбите за време на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

„Политички паралелизам во владата очигледно има. Прашуваме дали постои и безбедносен паралелизам“, рече Пендаровски во 2012 година.

Уште на изборите во 2011 година активно се вклучи како дел од тимот Радмила Шекеринска која ќе беше премиерка, ако социјалдемократите победеа. Но, Груевски пак формираше влада.

Во годините што следеа Пендаровски често знаеше да ги критикува политиките на тогашната власт. Оттука, не беше големо изненадување што ја прифати понудата на тогаш новото раководство на СДСМ да биде кандидат за шеф на државата на изборите во 2014 година.

„Не беше така, што подоцна го покажаа и прислушуваните разговори. Опозицијата не ги призна изборните резултати и по низа преговори во Пржино се одржаа изборите во декември 2016-тата кои го најавија падот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, процес што својата кулминација ја доживеа во собранието на 27-ми април.

Во 2019 Пендаровски пак е во истата улога - кандидат за претседател, но сега со големи шанси да биде избран за петти претседател на државата.

„Денес ми дадовте огромна политичка одговорност која во годините што следат имам намера да ја оправдам во целост“, вели Пендаровски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG