Украина нема да биде на дневен ред кога претставниците на САД и Русија ќе се сретнат в четврток во Истанбул на разговори за работата на нивните соодветни дипломатски претставништва, изјави денес портпарол на Стејт департментот.
„Да бидам јасен, нема политички или безбедносни прашања на агендата. Украина не е на агендата“, рече портпаролот преку имејл.
Делегациите во кои беа вклучени американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се согласија за време на разговорите во Саудиска Арабија минатата недела да отворат дискусии, откако со години меѓусебните одмазднички потези ги оставија амбасадите на двете земји во ситуација едвај да работат.