Здравствените работници во некои сојузни држави се обвинуваат за објавување погрешни бројки на заразени лица, дури и свесно, со цел да се прикажат работите подобро отколку што се, објави Асошиетед прес.
Како резултат на тоа, политичарите, сопствениците на бизниси, и обичните граѓани, се доведени во ризик да имаат впечаток дека вирусот е под контрола.
Во Вирџинија, Тексас и Вермонт, на пример, официјалните лица велат дека се комбинираат резултати од тестови, кои покажуваат активна зараза, со тестови за антитела, кои покажуваат мината зараза.
Јавните здравствени експерти велат дека тоа може да придонесе за навидум импресивни резултати, иако не ја покажува вистинската слика за тоа како вирусот се шири.
Сепак, здравствените лица во Вирџинија изјавија дека комбинирањето на тестовите не предизвикало разлика во генералната слика, додека гувернерот на Тексас Грег Абот, рече дека бројките не биле измешани.
Научничка во Флорида Ребека Џонс, вели дека била отпуштена од работа оти одбила да манипулира со податоците. Засега за ова нема коментар од здравствените работници, пишува Асошиетед прес.
Во Џорџија, пак, една од првите сојузни држави која почна да ги олабавува рестрикциите, Одделот за јавно здравје објави податоци на 11 мај, кои откриваат дека бројот на нови случаи на КОВИД-19 опаѓа, но, дневните податоци не биле внесувани по хронолошки ред.
Канцеларијата на гувернерот Брајан Кемп, негираше дека имало каков било обид за доведување на јавноста во заблуда.
Според препораките на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, пред да почнат со постепено отворање, сојузните држави треба да имаат тренд на опаѓање на бројот на заразени во рок од 14 дена.
Но, и покрај тоа, некои сојузни држави почнаа со релаксирање на мерките, додека бројот на заразени расте, пишува Асошиетед прес.
Џенифер Нузо од Центар на Џонс Хопкинс за безбедност на здравјето, вели дека овие случаи не мора да значат оти идејата била да се изманипулира јавноста.
Таа вели дека сојузните држави можеби немаат обновени информации во системите, кои би им овозможиле да направат разлика меѓу тестовите.
Сепак, според неа, ако сојузните држави ги комбинираат бројките, нема да може да се донесат добри одлуки за олеснување на мерките и за нивото на заразени лица во заедниците.
САД досега имаат 1.5 милиони заразени, и преку 90.000 смртни случаи.
Facebook Forum