Линкови за пристапност

Џон Кери: Долгорочната траекторија има потенцијал да биде позитивна


Џон Кери: Долгорочната траекторија има потенцијал да биде позитивна
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:49 0:00

Џон Кери: Долгорочната траекторија има потенцијал да биде позитивна

Американскиот државен секретар во интервју за Гласот на Америка говори за аспектите на нуклеарната спогодба со Иран

Глас на Америка: Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата за иранската нуклеарна спогодба. Дали ова значи дека Иран повеќе не е отпадничка држава во очите на меѓународната заедница?

Џон Кери: Гласањето значи дека луѓето се надеваат дека ќе се случи трансформација во текот на наредните месеци и години. Тие гласаат за спогодбата, да го поддржат она на коешто Иран и шест други земји се согласија во Виена. Мислам дека тоа е израз на доверба во спогодбата и израз на надеж за иднината на Иран, за останатиот свет. Очигледно, оваа спогодба се темели на надежта дека ќе се реши нуклеарниот проблем, дека Иран ќе стане држава со добар углед во однос на меѓународната заедница. Но, спогодбата нема да се потврди со гласање, или пак со зборови, туку со постапки во текот на нејзината претстојна примена.

Глас на Америка: Споменавте дека ќе дојде до извесна трансформација. Кога беше соопштена веста за постигнувањето на спогодбата, луѓето во Иран во голем број излегоа на улиците, сакаа да ја искажат својата радост, славеа. Дали мислите дека тоа беше преурането, бидејќи Конгресот на САД треба да ја разгледа спогодбата, а треба да ја одобри и Врховниот совет за национална безбедност и Собранието во Иран?

Oваа спогодба се темели на надежта дека ќе се реши нуклеарниот проблем, дека Иран ќе стане држава со добар углед во однос на меѓународната заедница. Но, спогодбата нема да се потврди со гласање, или пак со зборови, туку со постапки во текот на нејзината претстојна примена.
Џон Кери, джржавен секретар на САД

Џон Кери: Не, не мислам дека е прерано луѓето да ги искажат чувствата и да им се чуе гласот за тоа што мислат за спогодбата. Можеби тоа ќе има извесно влијание на другите луѓе коишто го гледаат сето ова и ќе разберат што чувствуваат луѓето од Иран во врска со прашањето. Се надевам дека таквата порака ќе биде позитивна, но не би рекол дека е прерано. Се надевам дека Конгресот ќе ги согледа можностите од ова, исто како Врховниот совет.

Глас на Америка: За спогодбата преговаравте исклучиво како за нуклеарно прашање. Не навлеговте во други прашања. Па сепак, Иранците имаат големи очекувања од спогодбата и се надеваат и очекуваат дека ќе се промени нивната економија, начинот на живот, секојдневието. Дали сте загрижени дека овие луѓе со така големи очекувања ќе бидат разочарани?

Џон Кери: Не. Мислам дека доколку спогодбата се оствари и целосно се примени, луѓето од Иран ќе искусат подобрен стандард на живеење, подигање на санкциите коишто ја спречуваа трговијата, патувањето, инвестициите, сите други нешта. Може да се случат многу добри нешта доколку договорот биде применет во целост.

Глас на Америка: Што би им рекле на оние коишто се надеваат и очекуваат оваа спогодба да помогне за поддршка на луѓето коишто се за демократски реформи. Навидум, вратите на затворот Евин (озлогласен затвор во Иран каде што се држат политички затвореници, н.з.) нема наскоро да бидат отворени?

Џон Кери: Во однос на оваа спогодба, доколку избравме кој и да е број на прашања меѓу Иран и светската заедница или меѓу САД и Иран, ќе преговаравме 10 години и немаше никаде да стигнеме. Немавме многу време поради нуклеарното прашање и поради тоа колкав беше напредокот. Требаше да преговараме исклучиво за нуклеарното прашање, и само за тоа беа потребни четири години. Ова беше мошне комплицирано, мошне тешко прашање. Очигледно, САД никогаш нема да прекинат да веруваат во демократијата и човековите права и секогаш ќе се залагаат за тоа. Но, за оваа спогодба, на маса требаше да се најде нуклеарното прашање бидејќи ни се закануваше можноста од нуклеарна трка во целиот регион, а од тоа никој немаше да има корист. Така, се зафативме со приоритет, ја елиминиравме можноста од судир поради нуклеарното оружје - под услов спогодбата да биде прифатена од Конгресот на САД, прифатена од Собранието на Иран и применета. Ако тоа се случи, мислам дека светот ќе стане побезбедно место.

Глас на Америка: Споменавте дека прашањето беше комплицирано и дека постојат многу комплексни чекори за примена на спогодбата. Процесот ќе биде долг и некои луѓе во Иран се загрижени поради тоа, бидејќи стравуваат дека токму поради процесот, САД ќе немаат премногу цврст став кон Иран во однос на човековите права, или пак во однос на четворицата Американци коишто се неосновано затворени во земјата...

Очигледно, САД никогаш нема да прекинат да веруваат во демократијата и човековите права и секогаш ќе се залагаат за тоа. Но, за оваа спогодба, на маса требаше да се најде нуклеарното прашање бидејќи ни се закануваше можноста од нуклеарна трка во целиот регион, а од тоа никој немаше да има корист.
Џон Кери, на прашањето зошто спогодбата не опфати други спорни прашања, како човековите права во Иран и случите на четворица Американци коишто се затворени во земјата

Џон Кери: Пред се`, никогаш нема да прекинеме да го поставуваме прашањето за затворените Американци, но исто и за човековите права. Такви сме во нашата земја. Но, истовремено, мора да се справуваме и со други прашања. За жал, во светот на дипломатијата и надворешните работи немате луксуз да се фокусирате само на едно прашање и да кажете: „Ова е најважното нешто, нема ништо друго да правиме“. Не можете да игнорирате што се случува во Сирија, во Ирак, во Јемен, во Египет, или на Синајскиот Полуостров. Сите овие прашања доаѓаат заедно, така што ние, коишто сме вклучени во јавниот живот и во дипломатијата на светот денес, имаме мошне комплициран мозаик којшто се обидуваме да го составиме, да ги споиме деловите. Не е лесно, и на крајот ќе испадне дека тие прашања ќе бидат разрешени преку спогодби како онаа што ја постигнавме со Иран, но мора да се бориме за тоа.

Глас на Америка: Да се вратиме на Конгресот. Ќе бидете на Капитол Хил неделава...

Ќе ја кажам вистината за спогодбата. Искрено кажано, има некои коишто се спротиставија на спогодбата уште пред да ја прочитаат.
Џон Кери, за својата стратегија во промоцијата на спогодбата во Конгресот на САД

Џон Кери: Да.

Глас на Америка: И ќе се соочите со скептиците во Конгресот од обете партии...

Џон Кери: Да. Во ред е.

Глас на Америка: Навидум, тие и натаму не се убедени. Кој е вашиот план за битката? Дали ќе претставите некои нови аргументи за одбрана на спогодбата?

Џон Кери: Ќе ја кажам вистината за спогодбата. Искрено кажано, има некои коишто се спротиставија на спогодбата уште пред да ја прочитаат. Многумина од нив, кога започнаа да се противат, признаа дека не ја имаат прочитано. Некои луѓе, едноставно, се против идејата за спогодба со Иран. Но, мислам дека кога луѓето навистина ќе погледнат што се добива, кога ќе видат дека ова, всушност, е можност за отстранување на потенцијалот за нуклеарно оружје, а, се надевам, и за отворање на можности да се случат други добри нешта, нови односи, мислам дека луѓето ќе ја согледаат користа од спогодбата. Очигледно, има мошне моќна група на гласови коишто се противат на спогодбата, и коишто беа ислушани, но, јас сум задоволен што имаме рок од 60 дена. Мислам дека тоа ќе даде време на луѓето да размислат и да увидат дека ако не дозволите спогодбата да продолжи, со тоа би можеле да избирате конфликт и војна, дека тоа би можела да биде алтернативата. Ако не ја имаме оваа спогодба, верувам дека ајатолахот би рекол: „Зошто треба да преговарам со овие луѓе? Тие не го исполнија ветеното. Тие не го прават тоа“. Зошто нашите колеги во светот би ги поддржале санкциите, велејќи: „Санкциите требаше да изродат спогодба, но сега кога таа е постигната, тие се откажуваат од неа?“. Така би се растурила целата работа, со голема опасност по регионот.

Глас на Америка: Го споменавте ајатолахот. Саботата, иранскиот врховен водач Каменеи подвлече дека не преговара со САД за различни глобални и регионални прашања, за билатерални прашања, па дури кажа и дека слоганот – „Смрт за Америка“ се` уште ќе се слуша по улиците на Техеран. Дали ова значи дека иранската амбасада тука, на авенијата „Масачусетс“ и натаму ќе остане затворена, дека нема да има никакви американско-ирански културни односи и дека ниту еден од бизнисите од САД нема наскоро да биде присутен во Иран?

Ако ја примениме, тогаш веројатно сме на патот на отворање на серија можности. Доколку не ја примениме, ќе имаме многу проблеми па веројатно и можност за конфилкт.
Џон Кери, за последиците од спогодбата

Џон Кери: Очигледно, тоа треба да го истражиме. На прв поглед, се чини така. Изјавата беше доста негативна и драматична и јас нема причина да верувам поинаку. Но, во глобалните прашања, јас сум оптимист, некој којшто верува дека она што го слушате денес, може да не го чуете за два или десет месеци... Едноставно, не знам. Сега за сега, не сме насочени на тоа. Насочени сме на нуклеарната спогодба и ќе сториме се` што мораме за да притиснеме против другите активности доколку сметаме дека ја попречуваат безбедноста на нашите пријатели или нашата безбедност. Ќе сториме што треба да сториме.

Глас на Америка: Говоревме за големите очекувања внатре во Иран. Кога мислите дека е реално да се очекува оваа спогодба да почне да функционира и луѓето да видат вистински промени во нивните животи?

Џон Кери: Конгресот има 60 дена, така што до 19-ти септември треба да дојде до гласање. Доколку тоа се случи, тоа ќе стане денот кога спогодбата започнува, а потоа има одредени нешта коишто Иран треба да ги стори, одредени нешта коишто Меѓународната агенција за атомска енергија треба да ги стори. Тие нешта треба да се решат - сите тие - пред да се кренат санкциите. Значи, се работи за период од приближно шест месеци. Тешко е да се каже со прецизност, зависи од тоа што ќе се случи, но не мислам дека пред тоа ќе има многу што да се почувствува. Мислам дека септември ќе биде критичниот период кога луѓето ќе започнат да дознаваат дали дошло до примена или не.

Глас на Америка: Дали ова вклучува лекови, дали вклучува полесно патување на Иранците во САД?

Џон Кери: Ја вклучува можноста за патување, но она што е веднаш вклучено е кревањето на конкретните санкции за финансиите, за банкарското работење, за протокот на добра. Ќе биде дозволена продажба на прехранбени продукти од Иран, како ф`стаци, на пример, ќе биде дозволена продажба на килими. Значи, отворање за некои нешта, но се` уште не се`. Примарното ембраго останува на сила.

Глас на Америка: Значи, долгорочната траекторија меѓу САД и Иран е позитивна?

Џон Кери: Долгорочната траекторија има потенцијал да биде позитивна, под услов Конгресот да ја усвои спогодбата, под услов истото да го сторат Собранието и Советот за национална безбедност на Иран, и потоа да ја примениме спогодбата. Ако ја примениме, тогаш веројатно сме на патот на отворање на серија можности. Доколку не ја примениме, ќе имаме многу проблеми па веројатно и можност за конфликт, а тоа го сметам за трагично и се надевам дека ќе успееме да ги убедиме луѓето дека овој документ всушност спречува конфликт, пружа безбедност во регионот и ќе спречи стекнување на нуклеарно оружје.

XS
SM
MD
LG