Линкови за пристапност

Терористичките напади во светот се зголемиле за 35 проценти во 2014-та во споредба со претходната година


Во извештајот на американскиот Стејт департмент стои дека Македонија прави напори на легислативен план

Според редовниот годишен извештај на Стејт департментот, во 2014-та е регистриран пораст на терористичките напади во светот за 35 проценти. Бројот на убиени се зголемил за 81 процент, главно поради зголемениот број напади во Ирак, Авганистан и Нигерија.

„Во 2014-та во светот се случиле вкупно 13.463 терористички напади, при што загинале преку 32.700 лица, а 34.700 биле повредени“, се наведува во извештајот.

Во документот стои и дека најмногу од инцидентите поврзани со тероризам се случиле во Ирак, што коинцидира со проширувањето на Исламската држава.

Во Нигерија во терористички напади во 2014-та биле киднапирани или земени во заложништво околу 1.300 лица, споредено со нешто помалку од 100 во 2013-та. Според извештајот на Стејт департментот, за повеќето од нив, ако не и за сите, е одговорна групата Боко Харам. Овде е вклучено киднапирањето на неколку стотици девојчиња од училиште во Чибок.

Во Авганистан, во нападите од страна на Талебан во 2014-та загинале преку 3.400 лица, а повредени се над 3.300.

Исламската држава се обвинува за најголемиот број смртни случи поврзани со тероризмот во 2014, а веднаш по неа следат Талебан, сомалиската милитантна група Ал-Шабаб и нигериската, Боко Харам.

Извештајот ги нотира и антитерористичките напори во Македонија, меѓу кои посебно го одбележува усвојувањето на законот против соучество, помагање или поддршка на странски терористички групи. Изминативе неколку години десетина македонски државјани отпатувале во Сирија и Ирак, како странски терористички борци, иако постојат индикации дека законот против нив, усвоен во септември 2014-та, можно е да има предупредувачки ефект.

Извештајот потенцира дека Македонија е членка на Глобалната коалиција за борба против Исламската држава во Ирак и Левант.

Македонското Министерство за надворешни работи потврдило дека резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, 2178, била доставена до сите релевантни министри за имплементација, се вели во извештајот, а меѓу комплетираните или активностите за исполнување на целите на резолуцијата, се наведува усвојувањето на промената во законот за странски терористички борци, како и организирањето на меѓународна конференција за заканата од странските терористички борци. Извештајот вели дека Македонија креирала и акционен план за справување со тероризмот и назначила тело со надлежност за справување со странските терористички борци.

XS
SM
MD
LG