Линкови за пристапност

Судиите носат благи пресуди, и нема одговорност на официјални лица поврзани со трговија со луѓе


Владата на Северна Македонија покажала зголемени напори, но, не ги исполнила минималните стандарди во борбата против трговијата со луѓе, се вели во најновиот извештај на Стејт департментот

Владата на Северна Македонија не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но, прави значителни напори во таа насока, се вели во најновиот извештај на Стејт департментот.

„Владата покажа генерално зголемени напори во споредба со претходно“, се вели во извештајот, во кој се додава:

„Овие напори вклучуваат истрага, обвиненија и пресуди за повеќе трговци со луѓе, и идентификување на потенцијални жртви. Владата ги зголеми ресурсите за заштита на жртвите“.

Сепак, се нагласува во извештајот, Владата не ги задоволила потребните стандарди во неколку клучни области.

„Судиите продолжуваат да носат благи пресуди, кои се под минималните утврдени казни за трговија со луѓе. Во изминативе години нема ниту едно владино официјално лице повикано на одговорност за соработка во вакви активности. Владата четврта година не доделила грантови за невладини организации кои се борат против трговијата со луѓе, и покрај тоа што во голема мера зависи од нив“, стои во извештајот.

Во него се нотира дека изминативе пет години, трговци со луѓе експлоатирале жртви од Северна Македонија во странство, додека „жени и девојчиња биле жртви на сексуална трговија и принудна работа во ресторани, барови и ноќни клубови во државата“.

Странски жртви на сексуална трговија во Северна Македонија најчесто потекнуваат од Источна Европа и Балканот, вклучувајќи ги Албанија, Босна, Косово, Романија, Србија и Украина.

„Децата, најчесто Роми, се сексуални жртви преку принудни бракови. Мигранти и бегалци, особено жени и деца без придружба, кои поминуваат низ Северна Македонија, исто така, се жртви на трговија со луѓе“, забележува извештајот.

Трговците со луѓе, пак, се додава, многу често ги подмитуваат полицијата и инспекторите, а полицијата била истражувана и обвинета за соучество во вакви кривични дела.

Во извештајот се потенцира дека е потребна поголема истрага, обвиненија и пресуди за трговците со луѓе, построги пресуди, вклучувајќи и за соработка на официјални лица.

„Треба да се зголемат напорите за проактивно идентификување на жртвите, и да се прави скрининг меѓу мигрантите, бегалците и други лица во ризик, како и да се алоцираат значителни ресурси за навладините организации, кои обезбедуваат заштита на жртвите“, се препорачува во извештајот, додавајќи дека е потребна и обука на полицијата, судиите, обвинителите и инспекторите.

„Трговијата со луѓе е еден од најголемите криминали. Сега трговците со луѓе лишуваат од слобода и од основниот човечки дигнитет 24.9 милиони луѓе. Мора заедно да изградиме момент за стопирање на трговијата со луѓе, и да бараме одговорност од престапниците“, изјави државниот секретар на САД Мајк Помпео, нагласувајќи дека мора да се постигне правда за жртвите, додека се трудат повторно да го изградат нивниот живот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG