Линкови за пристапност

Стејт департмент: Македонија ја препознава заканата од глобалниот тероризам


Во годишниот извештај се наведува и дека земјата е солиден партнер на САД во борбата против тероризмот

Во 2015-та година меѓу главните контратерористички напори се споменува операцијата на гонење на 37 и апсење 13 поединци согласно неодамна донесениот закон во Македонија за странски терористички борци. Десетина македонски граѓани отпатувале во Блискиот Исток како странски терористички борци, иако постојат индикации дека неодамнешните апсења имаа застрашувачки ефект, стои во извештајот на Стејт департментот во делот за Македонија.

Македонија покажа силна определеност во Глобалната коалиција за борба против Исламската држава во Ирак и областите во источниот дел на Средоземното Море. Македонија е членка на работната група за борба против странските терористи во рамки на Коалицијата, а тогашниот премиер Никола Груевски присуствуваше на самитот на Белата куќа за борба против ИСИЛ и насилниот екстремизам што во септември се одржа во Њујорк, се наведува во документот.

Споменат е инцидентот од 21-ви април кога вооружена група од околу 40 лица одзела оружје, муниција и комуникациска опрема од пограничната полициска станица во Гошинце во близина на границата со Косово. На 9-ти и 10-ти мај, македонската полиција изведе акција во Куманово, наводно да ја преземе украдената опрема. Притоа загинаа осуммина македонски полицајци и десет припадници на вооружена група. Иако мотивот на вооружената група во моментов не е јасен, Јавното обвинителство инцидентот го оквалификува како акт на тероризам, обвини три лица за предводење на терористичка организација, а 26-мина за учество во терористичка организација, стои во извештајот.

Македонија учествуваше во програмите за градење капацитет, со цел, зајакнување на институциите за кривично право и промоција на владеење на правото. САД на македонската полиција и` донираа 20 комјутери што би се користеле како поддршка на Секторот за анализа на разузнавачките податоци поврзани со криминални дејствија.

САД воедно обезбедија обука на 163 студенти околу принципите за полициски активности водени од разузнавачки информации, а спонзорираа и бројни настани за поефикасни односи меѓу агенциите за спроведување на законот на Балканот, се вели понатаму во овој извештај.

САД се одговорни и за обука на 140 владини претставници од областа на царинската и погранична контрола, а обезбедија и опрема од преку 148.000 долари. Стејт департментот го поддржа учеството на Македонија во бројни билатерални и регионални обуки за претставници на агенциите за спроведување на законот, истражители, тужители и судии, се` со цел зголемување на капацитетот за обрнување внимание на случаите и заканите поврзани со странските терористички борци.

Македонскиот безбедносен сектор е опремен и подготвен ефикасно да се справи со тероризмот на своите граници.

Македонија презема чекори за подобрување на капацитетот на агенциите за спроведување на законот кога станува збор за контратероризмот. Земјата неодамна номинираше и координатор за контратероризам, одговорен за изработка на акционен план за контратероризам. Дополнително, Владата формира и координативно тело што ќе ги истакнува прашањата за контратероризам, стои во документот.

Македонија поседува ентузијазам кога станува збор за регионалниот и меѓународниот тероризам, но немањето волја кај Грција да ја признае земјата под нејзиното уставно име, понекогаш ја ограничува способноста на Македонија целосно да учествува во мултилатералните активности, се наведува меѓу другото во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за тероризмот.

Согласно законот на САД, државниот секретар до 30-ти април секоја година, до Конгресот треба да поднесе целосен извештај за тероризмот во однос на земјите и групите коишто ги исполнуваат критериумите наведени во легислативата.

XS
SM
MD
LG