СКОПЈЕ – Од денес па се до 15 јануари граѓаните ќе имаат можност да купат над 960 производи кои ќе се продаваат со најмалку 10 отсто пониска цена во рамките на акцијата „Новогодишна кошничка“. Производите ќе бидат достапни во 38 ланци на маркети и ќе бидат јасно обележани со натпис „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
За разлика од „есенската потрошувачка кошница“ овој пат станува збор за акција а не за одлука на Владата. Акцијата ја иницираа самите производитрели и дистрибутери.
Од министерството за економија нагласија дека листата на продукти не е затворена и дека очекуваат да се дополни со уште производи.
„Оваа акција е направена на иницијатива на бизнис секторот, каде тие понудија производите кои се понудени по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти.Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови.Сите производи кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе““, стои во соопштението на економија.
Тимови на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) денес излегле на терен и извршиле проверки во маркетите кои имаат дозвола да работат. Кај производите кои се опфатени со акцијата е забележано намалување на цените од најмалку 10 отсто.
„Од мониторингот е уврдено дека цените на производите од „Новогодишната кошница“ се намалени за 10% и на рафтовите се ознечени со соодветната ознака. Мониторингот на цените се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија, односно се гледаат сегашните цени на производите кои ги содржи листата од „Новогодишната кошница“ заедно со најниските цени на истите производи кои биле применувани во последните 30 дена“, соопштија од ДПИ.
Владата и опозициската СДСМ со дијаметрално спротивни ставови околу евенталната ефикасност на мерката. Опозицијата забележува дека трговците веќе ги поскапеле цените и затоа нема да има ефект.
Премиерот Христијан Мицкоски преку социјалната мрежа „Фејсбук“ кажа дека со оваа акција директно им се помага на граѓаните.
„Вклучени се над 80 компании, а новогодишната потрошувачка кошничка би се проширила со над 1 000 производи. Вака директно помагаме за стандардот на граѓаните и заштита од ценовни шокови“, напиша премиерот Мицкоски.
Во новогодишната кошничка се опфатени лебот, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни и алкохолни пијалаци.
Листата на производи е објавена на веб страната www.mojakosnica.mk.
Од министерството за економија и труд и Пазарниот инспекторат апелираа компаниите да ја почитуваат акцијата која сами ја креираа а граѓаните доколку забележат манипулации на цени да ги пријават на телефонскиот број 191 или на веб страната на инспекторатот.