Американските законодавци го ратификуваа новиот договор за контрола на нуклеарното оружје со Русија, давајќи му на претседателот Барак Обама голема победа во областа на надворешната политика.
Сенатот во среда го одобри Договорот за стратешко намалување на оружјето, исто така познат како СТАРТ, со двотретинско мнозинство.
Договорот го заменува оној на кој му истече важењето, натамошно ограничувајќи го бројот на парчиња нуклеарно оружје што Русија и САД можат да го одржуваат. Тој исто така воспоставува заеднички систем на верификација.
Претседателот Обама ратификацијата на договорот ја нарече приоритет на националната безбедност.
Неколку проминентни републикански законодавци се противеа на договорот, предупредувајќи дека тоа може да ја лимитира способноста на Америка да се брани од ракетни напади.
Спогодбата СТАРТ сега чека на ратификација од руските законодавци пред да влезе во сила. Руските законодавци во среда кажаа дека може да гласаат по договорот уште оваа недела.
Договорот ја ограничува секоја од државите на 1,550 стратешки нуклеарни боеви глави што е околу 30-процентно намалување од границата поставена во 2002.
Претседателите Обама и Медведев го потпишаа договорот во април.