Линкови за пристапност

За мнозинството Руси, Сталин бил „ефективен менаџер“


Истражувањето на јавното мислење покажува позитивно мислење за советскиот диктатор

Диктаторот Јосиф Сталин во времето кога раководел со репресивната политичка држава, убил и тероризирал милиони лица. Сепак меѓу Русите има знаци дека тие на него се` повеќе гледаат како на „ефективен менаџер“ и симбол на советско-руската моќ.

Според анкетата спроведена од страна на владината агенција за истражување на јавното мислење, ВЦИОМ чии резултати беа објавени на 20-ти јули, „преку половина од Русите, или 62 процента, се согласуваат со ставот дека плакати, бисти, и фотографии што зборуваат за успесите на Сталин треба да бидат ставени на јавни места. Од друга страна, 65 проценти од граѓаните се против поставување на симболи што зборуваат за неговите неуспеси и злосторства“.

Седумдесет и седум проценти (77%) од испитаниците на возраст од 18 до 24 години, ги поддржале меморијалите за Сталин, додека 63 отсто од испитаниците кои го поддржале, се на 60 годишна возраст или постари.

Четириесет и два процента (42%) од испитаниците велат дека позитивно гледаат на поставувањето симболи на станбените згради кои го споменуваат Сталин, додека 21 отсто велат дека на тоа гледаат негативно. 33 проценти се изјасниле дека немаат позитивно или негативно гледиште.

Анкетата беше спроведена на почетокот од јули. Речиси истовремено, Лев Гудков, директорот на Центарот Левада, единствената независна руска агенција за истражување на јавното мислење, за Гласот на Америка изјави дека поддршката за диктатурата меѓу Русите расте.

Ставот на Русија кон Сталин е рефлексија на државната пропаганда и ставот на јавните личности на Кремљ. Коментирајќи ги резултатите од анкетата на ВЦИОМ, Михаил Леонтиев, портпарол на руската државна нафтена компанија Роснефт, за весникот „Комсомолсакаја правда“ изјави: „Сталин, во очите на народот ја олицетворува моќта на Русија. Тоа е вистината, без разлика дали ни се допаѓа тоа или не. Постои барање за моќ во оваа земја. И тоа мора да биде исполнето“.

Сталин ја предводеше Русија од средината на 1920-те, се` до неговата смрт во 1953-та година. Неговиот мандат беше одбележан со екстремните мерки кои ги презеде за да ги уништи противниците и да ја консолидира власта. Но, тој воедно ја водеше Русија преку Втората светска војна и спроведуваше стратегија за поддршка на про-советските политички партии во странство, оформувајќи го Советскиот Сојуз како суперсила и ривал на САД. Има знаци дека денес се` повеќе луѓе се фокусираат на овие аспекти од неговото владеење.

Млади поддржувачи

Судејќи според изјавите, претседателот на ВЦИОМ Валериј Фјодоров, е целосно лојален на рускиот претседател Владимир Путин.

Фјодоров неодамна за независната руска телевизија „Дожд“, изјави дека критичарите на Путин се луѓе „кои немаат љубов кон нашата земја, кои немаат желба таа да биде подобра.“

Додека експертите интервјуирани од московското биро на Гласот на Америка изјавија дека нема причина да се сомневаат во резултатите од анкетата на ВЦИОМ, еден од нив рече дека резултатите не се знак за поддршка на сегашното раководство на Русија.

Рускиот политички аналитичар Дмитриј Орешкин, кажа дека меѓу младите Руси на возраст од 25 години „навистина има голема симпатија кон Сталин“, но дека тоа претставува еден вид „ментален бунт“ против статус-кво состојбата.

Таквите чувства се „директна последица на руската државна пропаганда и системот на вредности кои Путин успешно ги инсталираше во руските умови во текот на изминатите 15 години“, вели Орешкин.

Сепак, ваквите ставови за Сталин создаваат „имагинарна алтернатива“ за статус-кво состојбата и затоа се неповолни за Кремљ, додаде тој. „Порано или подоцна, 'младите офицери' кои мислат на ист начин, ќе се појават и со падот на економијата, можеби ќе сакаат да сменат сè со сила“.

Опозициониот политичар и историчар Владимир Рижков се согласува дека кампањата за рехабилитација на Сталин започнала под Владимир Путин.

За разлика од Орешкин, Рижков верува дека рехабилитацијата на Сталин му користи на Кремљ.

(Данила Галперович)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG