СКОПЈЕ – Можни протести или седници на претседателството на отворено пред државни институции во текот на наредниот месец најави Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) како одговор на притисокот од владејачката ВМРО – ДПМНЕ и како што велат ниските удари од Владата. Од Синдикатот тврдат дека на терен директори во државни институции се користат со притисоци за да го прелеат членството во КСС но и дека Владата тактизира и ја одолговлекува постапката за утврдување на репрезентативноста на ССМ.
„Претседателството донесе одлука врз основа на која во наредниот период седници на Претседателството и на највисоките раководства ќе се одржат на отворено пред работодавачите и пред Владата како што го правевме и претходно на претходната Влада. Како што направивме и минатата година на 2 и 7 април и на 1 мај доколку нема слух од спротивната страна да излезе на протести како што беше случај минатата година и да покажеме дека ние работниците ја враќаме работничката класа на голема врата “, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
На тврдењата на претставниците на ВМРО – ДПМНЕ дека е во дослух со опозицијата, Трендафилов одговори дека често има средби и со пратениците од владејачката коалиција на кои се дискутира за положбата на работниците.
Од ССМ се децидни дека директорите именувани од ВМРО – ДПМНЕ вршат притисоци врз членството на ССМ со цел да прејде во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
„Со политички наредби на локални ниво во општините, во јавните претпријатија, како и во министерствата, од политичката партија ВМРО – ДПМНЕ со наредби на нивните директори, полтрони на нивните раководители и шефови да прават упадни во синдикалните организации на ССМ се со една цел да го зајакнат КСС на сметка на работниците“, тврди Трендафилов.
Трендафилов ја обвини власта дека се обидува да го инсталира Живко Митревски, кого го окарактеризира како партиски послушник, на челото на ССМ.
„ Ако сакаат такви лидери да вратат за да молат и за да коленичат пред политичките фигури и пред функционерите во државата се со една цел Владата да ги постави да бидат лидери на ССМ, ќе потсетам, во работничкиот дом ССМ забрането е пушењето“, кажа Трендафилов.
„Јас не сум нивен, на ВМРО – ДПМНЕ, меѓутоа не сум ни на другите на СДСМ, Левица или ДУИ како што сакаат да кажат. Јас сум на работниците и на ССМ“ - Слободан Трендафилов
Од ССМ порачаа дека очекуваат на утрешната седница на Влада да се именуваат новите членови на Комисијата која треба да ја потврди репрезентативноста на Синдикатот.
Владејачката ВМРО – ДПМНЕ денес во соопштение до јавноста го окарактеризираа Трендафилов како претседател на општински штаб на опозициска партија.
Судирот меѓу Владата и синдикатите настана откако барањето за 450 евра минимална плата не беше прифатено како и можноста минималецот да биде 500 евра а Владата да ја субвенционира разликата од минималецот, кој законски ќе се покачи за само 1.800 евра и ќе изнесува 24.400 денари.