СКОПЈЕ – Минимална плата во висина од 30 илјади денари или 500 евра. Прагот на барањата денес подигнат откако Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) како и опозициската СДСМ доставија до пратениците во Собранието нов закон и нов предлог за минималната плата а заедничко е што двата предлога предвидуваат замрзнување на придонесите.
Од ССМ соопштија дека во предлогот кој го доставија и до Владата и до Организацијата на работодавачи се бара покрај редовното и со закон утврдено покачување на минималната плата во март, кое според пресметките ќе изнесува околу 1.800 денари и минималецот ќе се покачи на 24 илјади, да има дополнително зголемување на минималецот за дополнителни шест илјади денари. Теретот би го поднеле работодавачите и во јавниот и во приватниот сектор со тоа што Владата или ќе ги субвенционира или ќе ги ослободи од придонеси во период од 12 месеци. Од ССМ потсетија дека можноста за штрајк е секогаш во игра.
„Тоа што го предлагаме денес е да не се отфрла едностраниот предлог. Доколку Владата го отфрли или работодавачите го отфрлат, пратениците имаат можност да излезат на нивото на задачата и наместо да земаат по 2.500 евра за патни трошоци да гласаат за платите на работниците да се зголемат за најмалку 100 евра со ослободување на плаќањето на придонесите. Ако некој одлучи да биде безобразен ние ќе биде двојни безобразни“, изјави Трендафилов
„Ако некој еднострано го отфрли нашиот предлог и ние еднострано можеме да донесеме одлука за штрајк“ - ССМ
За ССМ е нејасно зошто Владата сеуште тактизира со утврдување на репрезентативноста на синдикатот и не именува тројца нови членови во Комисијата за утврдување и да ги пополни местата кои претходни ги испразни.
„Во моментов бидејќи на одредени советници и заменици министри им текнало да ги повлече членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативен партнер од страна на работниците. Тоа што очигледно некој не го размислил е што на ваков начин не може да се објави моменталното законско усогласување на минималната плата бидејќи нема мислење од еконосмко социјалниот совет“, дециден е Трендафилов.
Предлогот законот на СДСМ пак предвидува зголемување на платите во приватниот сектор и замрзнување на придонесите во период од една година. Пресметките се дека ќе опфати околу 400 илјади вработени и дека ќе генерира 585 милиони евра дополнителен приход за граѓаните.
„Со овој закон, кој СДСМ ќе го достави во Собранието работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел. Придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување се замрзнуваат на просекот од последните три исплатени плати на работникот. Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра.Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10%), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход“, изјави Сања Лукаревска пратеник од СДСМ.
Денес и партијата Левица достави предлог платите да се исплаќаат најдоцна до петти во месецот.