Официјален претставник на Шри Ланка соопшти дека локална милитантна група со помош на „меѓународна мрежа“ е одговорна за нападите на цркви и хотели во Шри Ланка, на Велигден во неделата, во кои загинаа 290 лица, а беа повредени уште 500 други.
Министерот за здравство, Раџита Сенаратне, изјави дека националната организација „Џамаат“ е одговорна за самоубиствените бомбашки напади, додавајќи дека „имаше меѓународна мрежа без која овие напади не можеа да успеат“.
Тој посочи дека нападите на шест локации - три цркви и три хотели - биле извршени од седум бомбаши-самоубијци, сите жители на Шри Ланка.
Денеска комбе експлодира во близина на една од цркви што беше бомбардирана во неделата. Полицијата интервенираше, но за среќа нема повреди.
Се очекува претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена, да прогласи вонредна состојба на национално ниво од полноќ вечерва. Канцеларијата за медиуми на претседателот изјави дека итните мерки ќе бидат ограничени на справување со тероризмот и нема да ја попречуваат слободата на изразување.
Притворени се 24 лица осомничени во врска со нападите, а воспоставен е и полициски час.
Премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге, во неделата изјави дека имало претходно сознанија за можноста за напади. „Имаше информации“, изјави тој за новинарите и рече дека ќе се спроведе истрага за да се утврди “зошто не биле преземени соодветни мерки на претпазливост“.
Властите соопштија дека околу 30 странци се меѓу жртвите, меѓу кои и американски, британски, индиски, кинески, јапонски и португалски државјани.
Facebook Forum