Линкови за пристапност

Средношколци и пензионери за испразнетите места: Недостасуваат работници во туристичкиот сектор


Засега, велат хотелиерите, не може да се размислува за плати од 1.000 евра во туризмот
Засега, велат хотелиерите, не може да се размислува за плати од 1.000 евра во туризмот

Според познавачите на состојбите, ниските плати се најголемата причина поради која бројни работници од туристичкиот сектор заминуваат во екот на сезоната. Работодавците велат дека не се моќни да дадат плати како во земјите на ЕУ

„Што правиме сега. Ние работиме со пензионери, молиме на дневници, каде што нема ефектива тоа. Квалитетот го изгубивме“, вели Љупчо Цветаноски, сопственик на хотел „Маива“.

Недостасуваат работници во туристичкиот сектор
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:50 0:00

Средношколци без работно искуство и пензионери ќе ја спасуваат и оваа туристичка сезона, покрај Охридското езеро. Огласи многу, слободни работни места, како никогаш досега, но слаба заинтересираност. Нема угостителски објект или хотел во кој не се бараат работници. Од готвачи, келнери, шанкери, рецепционери, пекари, слаткари, собарки.

„Ние дополнуваме отприлика околу 60 вработени со вработувања од сезонски карактер. Досега сме стигнале до бројка околу 20, што значи дека уште 40 луѓе ни се потребни за да може да го пополниме тој минимален обем, потребен за оперативни активности“, вели Филип Мишевски- генерален директор на хотели Метропол и Белви.

Младите заминуваат за Хрватска или Германија, каде се нудат повисоки плати и подобри услови. Но, некои имаат предлог, како тоа да се спречи.

„Сето тоа ми е мене многу смешно. Нека се стегнат газдите, нека дадат плата, децата ќе останат овде и готова работа. Платата е многу битна. За да ги задржиме нашите кадри тука, треба да ги платиме. Па не мора да имаме многу профит. Смали си од профитот, дај му на вработените, и нека континуирано работат сите објекти“, смета Љупчо Јузмески, туристички водич.

Не можеме да постигнеме цена од 70, 80, 120 евра, за да го постигнеме личниот доход, кој го нуди хрватскиот пазар
Љупчо Цветановски, Хотел „Маива“

Спасот го гледаат и во промена на образовниот систем со практична настава два дена неделно, и задолжителна работа од најмалку 30 дена во текот на летото.

„Наместо да ги образуваме кадрите и да им дадеме практичен дел, ние ги изгубивме со распусти, каде не се искористени како работна снага, а можат да дадат голем придонес во вработувањето. Тука треба бргу да се реагира, бидејќи овие проблеми од година во година се сè поголеми. Затоа неможеме да разговараме за функционирање во текот на цела година од 12 месеци, туку како да ја звршиме годината со четири-пет месеци и да ги затвориме хотелите“, смета Цветаноски.

Засега, велат хотелиерите, не може да се размислува за плати од 1.000 евра во туризмот.

„Тој личен доход ние во Македонија не можеме да го обезбедиме, бидејќи ако разговараме за цена на аранжмани која се движи од 30-40 евра, ние не можеме да постигнеме цена од 70, 80, 120 евра, за да го постигнеме личниот доход, кој го нуди хрватскиот пазар“, додава Цветаноски.

„За да стигнеме да плаќаме ние 1.000 евра, прво треба структурно да се направат реформи во државата, туризмот и во градот. Ние имаме проблем со непостоење на добра патна инфраструктура, непостоење на железница. Единствен момент на премостување на доѓање на гостите е аеродромот. Наредните 20 години треба да се стремиме да го стигнеме нивото на Хрватска на плати“, вели Филип Мишевски, генерален директор на хотелите „Метропол“ и „Белви“.

Проценките се дека недостасуваат неколку илјади работници во туристичкиот сектор. Неодамна се организираше и саем за вработување.

„Имаме околу 2.000 на кои можеме да сметаме млади, студенти и невработени од таа струка во Охрид и некако да помогнеме, да ги убедиме да аплицираат и да се вработат сезонски и колку толку да ја помогнеме сезоната. Ако ги мотивираме и работодавачите да даваат повисока плата, да се натпреваруваат за секој вработен, мислам дека ќе го спречиме до одредено ниво одливот на овој кадар“, вели Наум Димитроски, организатор и проектен менаџер на „Касарна хаб“.

Дури 70% од локалната економија во Охрид отпаѓа на туризмот. Но, до сега нема институционални решенија или организиран механизам што може да ги помогне локалните бизниси вели Димитроски.

Но, и покрај овие проблеми, очекувањата се дека претстојната туристичка сезона ќе биде подобра од минатите две, како по бројот на гости, така и по остварени ноќевања. Гостите од Холандија, Полска, Турција, Србија ќе бидат најбројни и покрај повисоките цени на туристичките аранжмани за 15 до 30 проценти.

XS
SM
MD
LG