Линкови за пристапност

Траума на главата и спортот


Долго се знае дека боксери и други спортисти може да развијат оштетување на мозокот од удари во главата. Сега нова студија се обидува да открие кога оштетувањето започнува и колку долго е потребно да се појават симптомите. Истражувачите велат дека ова може да помогне контакт-спортовите да се направат побезбедни.

Студија за здравјето на професионални борачи што се` уште трае, ги следи таканаречените борбени спортови. Меѓу учесниците се 109 боксери и практикувачи на боречки вештини на просечна возраст од 29 години.

Авторот на студијата е д-р Чарлс Берник. Тој вели дека борбените спортови долго биле поврзувани со дегенерација на мозокот, болест наречена хронична трауматска енцефалопатија.

„Никој навистина не знае како едно лице доаѓа од повторителни удари во главата до долгорочна болест на мозокот“, вели тој.

Берник е директор на Центарот за мозочно здравје при Кливлендската клиника и член на американската Академија за неврологија. Тој вели дека студијата се фокусира на две работи:

„Едната е да видиме дали може да ги откриеме најраните промени на мозокот од повреда, и потоа да откриеме кои фактори поединецот го прават подложен на оваа болест“.

Берник вели дека поголема траума на главата значи поголем ризик за развивање на болеста, што исто така се вика и деменција пугилистика:

„Тоа што не знаеме е дали работите од некоја точка можат да се вратат во нормала“.

Сто и девет боксери и спортисти на боречки вештини биле поделени во три групи, зависно од годините минати во спортот, на оние кои се бореле под шест години, од шест до 12, и над 12 години.

Берник вели дека првата година на студијата донела резултати во однос на величината на мозокот:

„Кај оние што се бореле над шест години, се покажало дека имаат смалување на некои делови на мозокот. Но дури кај оние со над 12 години во спортот можело да се забележат симптоми во начинот на работата на мозокот. Тоа сугерира дека ова може да биде границата, односно дека до тогаш мозокот може да толерира траума, но промената всушност настанува многу години пред тоа“.

Студијата продолжува. Берник вели дека резултатите може да се применат и на други спортови, но и на многумина кои имаат трауми на главата од служење во армијата.

XS
SM
MD
LG