Линкови за пристапност

Граѓаните порачаа: Опструкциите да завршат, СЈО мора да опстои


Заврши протестот на Шарената револуција со факели
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:35 0:00

Собирот за поддршка на Обвинителството почна со симболично цртање на часовник на булеварот пред Собранието, со порака “Времето ви истече, it's СЈО o'clock“

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) мора да опстои и непречено да работи, а опструкциите мора да запрат веднаш, порачаа граѓаните, што попладнево се собраа пред Собранието за поддршка на СЈО, во организација на „Шарената револуција“ .

Собирот на кој присуствуваа околу илјада и петстотини граѓани почна со симболично цртање на часовник на булеварот пред Собранието, со порака “Времето ви истече, it's СЈО o'clock“.

Прв се обрати адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, кој ги потсети претставниците на власта, но, и пратениците од ВМРО ДПМНЕ дека тие самите гласале за формирање на СЈО и за назначување на Катица Јанева за шеф на ова Обвинителство.

Тој побара да престанат опструкциите од надлежните државни и судски институции кои само ја забавуваат работата.

„Законите кои ги бара СЈО мора да се изгласаат. Пратениците мора да го сторат тоа. Државните институции мораат да го почитуваат законот и да ги достават бараните докази. Тука сме да го потсетиме Кривичниот суд и неговиот птретседател да нема двојни аршини и селективна правда“, рече Давидовиќ.

Според него, способноста на Јанева, воопшто не треба да се доведува во прашање, туку напротив компетентноста на членовите на Судскиот совет, кои назначуваат судии а кои, тврди Давидовиќ, никогаш не работеле на случаи од организиран криминал.

Александар Младеновски, активист на „Шарената револуција“ рече:

„Не делат како сакаат. На патриоти и комунисти, на Македонци и на Албанци, на христијани и муслимани. Едни закони се за нив, други се за нас. Едни даноци за нив, други за нас. Неколкумина искорумпирани ја држат државата во заложништво. Патот до правдата е еден. СЈО се наоѓа под директен напад на неколкумина искорумпирани“, порача Младеновски.

Тој додаде дека “шаренилото“ е критичната маса што недостасувала во Македонија, и која ќе застане на патот на секој што ќе се обиде да ја попречи правдата.

Ова е прв собир организиран од „Шарената револуција“ по речиси три месеци, а доаѓа по расправата на Собраниската комисија за извештајот за шестмесечното работење на СЈО.

Вчеравечер, во герила акција на „Шарена револуција“ беше обоен Кривичниот суд. Судиите на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд, досега, ги одбија барањата на СЈО околу мерките на претпазливост за осомниечните во нивните предмети, односно изрекување на притвор, куќен притвор или одземање на патните исправи.

Денеска пак, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ја напушти Комисиската расправа за извештајот на работата на СЈО, а својата постапка ја образложи тврдејќи дека пратениците од редовите на ВМРО ДПМНЕ и вршат константен мобинг.

Јанева најави дека дека ќе се појави само на Пленарна седница во Собранието, на која ќе се разгледува извештајот за работата на Обвинителството.

Таа повторно побара од Врховниот суд и од Судскиот совет да и помогнат во утврдувањето на вистината околу потеклото на прислушуваните разговори, но, и да се завршат судските процеси, како оној за случајот “Пуч“, односно да почнат во разумен временски рок и да не се одолговелкуваат.

XS
SM
MD
LG