Линкови за пристапност

Правдата не е задоволена ако Јанева е во затвор, а покорумпираните слободни, реагира Асоцијацијата на обвинители во Вашингтон


Додека не се реши случајот на Никола Груевски, нема да се врати довербата во судството, рече обвинителот Дејвид Лабан

Коруптивните постапки на Катица Јанева доведоа други, кои беа покорумпирани да завршат слободни, изјави за Гласот на Америка Дејвид Лабан, претседател на Асоцијацијата на обвинители во Вашингтон, коментирајќи ја пресудата за поранешната специјална обвинителка.

Според него, ќе биде многу погрешно, ако по неколку години истраги во државата за сериозен криминал на лица на високи позиции, пресудата на Јанева биде единствен исход.

„Ајде да зборуваме и за криминалот на другите“, рече тој.

Лабан вели дека се` додека не се реши случајот на Никола Груевски, нема да може да се каже дека правдата е задоволена.

„Неговото бегство е многу важно во оваа равенка. Ако тој не направил ништо лошо зошто бегал. Да почнеме од тука. Знаеме дека таа згреши, и во ред е да зборуваме за неа, но, треба да се зборува и за криминалот на другите. Две погрешни работи не можат да ја исправат работата“, вели Лабан.

Случајот на Јанева, вели тој, во никој случај не треба да значи крај на почнатите постапки и истраги од страна на Специјалното јавно обвинителство.

„Таа беше назначена за специјална обвинтелка, и со добрата работа што првично ја извршуваше, граѓаните поверуваа во обнова на судството. Таа ја уништи довербата, и тоа е вистинско разочарување. Ако обвинителството греши, тогаш на кого да му се верува. Многу е разочарувачки и тешко кога имате ситуација оние што обвинуваат да бидат обвинети, и ќе биде уште потешко некој друг да ја продолжи работата. Ова е неверојатен чекор назад. Но, сепак, сега е време да се врати довербата“, вели тој.

Според него, јавните обвинители, Паралментот и судството треба да излезат и да направат план, за да не дозволат криминалот да се сокрие под тепих.

„План како ќе ја решат корупцијата, и како ќе ги повикаат лицата на одговорност. Овој план нема да го оценуваат само граѓаните, туку и Европската Унија и целиот свет“, рече Лабан.

Вели дека иднината на отворените истраги треба да биде главна тема на изборите, а кандидатите да одговорат што ќе преземат во врска со тоа ако бидат избрани.

Тој ги повика и судиите на одговорност, велејќи дека и тие имаат обврска да бараат да се завршат постапките за кривични дела, со цел да се врати довербата во судскиот систем.

Катица Јанева е неправосилно осудена на 7 години затвор за Злоупотреба на службената положба и овластувања, додека Боки -13 е неправосилно осуден на затворска казна од 9 години, за примање награда за противзаконито влијание и за Перење пари во случајот „Рекет“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG