Линкови за пристапност

Заев: Суштината е дали бомбите ќе се користат како доказ или не


Премиерот се надева дека ќе се договори со лидерот на опозицијата за идниот статус на СЈО

Премиерот очекува одговорност од опозицијата во пресрет на лидерската средба со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ. Заев се надева дека ќе се договори со Мицкоски за отворените прашања за идниот стаус на СЈО. Според премиерот, најгорливо прашање не е што ќе се случи со предметите на СЈО отворени по 30 јуни 2017.

„Суштината според мене, е дали бомбите ќе се користат како доказ или не. Уставот и Кривичниот законик велат дека кривично дело за кое постојат индиции или аргументи не може да не се гони. Ако не го гони СЈО ќе го гони друго обвинителство. Надлежен орган за тоа е јавнообвинителскиот систем и нема тука дали Заев, Мицкоски нешто сакаат или не, прашањето е дали бомбите ќе се користат како докази, оти тие се индиции. Ако сакаме и ако сме одговорни ќе најдеме решение“, изјави премиерот Зоран Заев.

Вели дека е легитимно опозицијата да бара избори, но, и дека приоритет се државните интереси во овој, како што го нарече, клучен период за земјата кој не треба да се пропушти.

ВМРО-ДПМНЕ се надева дека на лидерската ќе бидат прифатени нејзините забелешки.

„Во однос на целата лидерска средба очекуваме да се почитуваат, односно да се прифатат сите наши забелешки, предлози за Законот за јавно обвинителство, кои што досега неколкупати сме ги обзнаниле јавно. И очекуваме да бидат прифатени и очекуваме конечно во Република Македонија да биде донесен закон преку кој што ќе завладее правото и правдата, и ќе биде во интерес на сите граѓани за конечно да прекине целата апатија што во моментов ни се случува“, рече Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО денеска со соопштение изрази загриженост затоа што се` уште не избран обвинител кој ќе ја замени Јанева, ниту пак е договорено законско решение со кое ќе се регулира статусот на СЈО, чиј мандат истекува за пет дена.

Денеска во судот беше одложено ново рочиште на СЈО поради најавениот трансфер на предметите од ова во Јавното обвинителство.

„Нема законска основа ниту СЈО да ги предаде предметите на Јавното обвинителство, бидејќи само СЈО беше надлежно за предмети што произлегуваат од незаконското прислушување“, изјави Сања Алексиќ, адвокатка на обвиниети во предмети на СЈО.

До СЈО се уште не стигнал дописот од Јавниот обвинител Јовески за преземање на предметите, и затоа Специјалното обвинителство не може да информира дали и како ќе се постапува со предметите на ова јавно обвинителство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG