Да се престане со шпекулации, а фокусот да се сврти кон завршување на истрагата дали специјалната обвинителка Катица Јанева била корумпирана или не, рече Дејвид Лабан, претседател на Асоцијацијата на обвинители во Вашингтон.
„Излезете и кажете. Ако се случило криминал, треба случајот да се реши брзо. Ако не, особено поради ЕУ процесот, веднаш да се стави на страна и да не се прави политички случај од ова. Покажете и на Европската Унија дека се владее со интегритет“, изјави Лабан во интервју за Гласот на Америка.
Лабан вели дека пресумпцијата на невиност и уставните права важат за сите лица, независно дали се работи за обвинител, како во овој случај.
„Обвинителите не се над правото, тие се за правото“, вели тој.
Тој порача опозицијата да не суди, пред некој да биде обвинет.
„Погледнете ја сега опозицијата, која претходно беше владејачка партија и која е под истрага, како се радува на падот на обвинителката. Ако поради овој случај се укине целиот процес што го води Специјалното јавно обвинителство, ќе се дозволи корумпцијата да продолжи. Како потоа надворешниот свет ќе и` верува на Северна Македонија, и што тоа ќе значи иднината на државата?“, вели Лабан.
Тој нагласи дека кога основата за криминал се пари, тогаш се работи за фактор на алчност и одговорноста е секогаш индивудална, а не колективна.
„Во таков случај би било дека таа личност се откажува од својата кариера, во овој случај за 1.5 милиони евра колку што наводно биле платени, иако целта била повеќе пари“, објаснува Лабан.
Според него, тимот на СЈО треба да продолжи да работи професионално.
„Тие беа во право. Одеа по вистинските луѓе и за вистински причини. Имаше корупција. И сега да кажете дека сето ова не важи поради сомнежи за главната обвинителка би било многу необично“, потенцира тој.
Независно како ќе заврши случајот, Лабан вели дека ваквите ситуации се реткост.
„Не знам друг случај кога е назначен специјален обвинител и е формирана канцеларија која завршила одлична работа, а на крај да излезе дека таа личност била корумпирана. Ако тоа се докаже во овој случај, би било разочарувачки и страшно“, смета тој, додавајќи:
„Фактот што таа даде оставка и следното нешто што се случи е да и` го земат телефонот, изгледа многу лошо во очите на јавноста, особено за некој што имал стекнато голема доверба кај граѓаните“.
Лабан го спомена примерот во САД со специјалниот обвинител Роберт Мулер, кој следната недела ќе треба да сведочи пред Конгресот за неговата истрага за изборите во САД во 2016-та година.
Вели дека тоа треба да биде случај и во Северна Македонија, каде партиите ќе го поддржат СЈО кое, пак, потоа редовно ќе ја известува јавноста за неговата борба против криминалот и корупцијата.
Facebook Forum