Линкови за пристапност

Куфери полни со пари - објавени снимки од случајот „Рекет“


Обвинителството денеска без коментар, освен дека снимката која ја објави италијанскиот весник не потекнува од кај нив

Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска објави видео материјал од домот на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“, на кој јасно се гледа како тој им дава еден милион евра на двоецот Јовановски - Милевски, како и дел од разговор меѓу Камчев и Јовановски, во кој покрај гаранциите дека Јанева, односно СЈО, нема да преземе ништо, се наведува и точниот датум кога ќе биде укинат куќниот притвор за Камчев.

Снимката се состои од два дела.

Во првиот дел се снимки од подвижна камера, најверојатно поставена во облеката на еден од присутните на средбата, на која се гледаат парите, како и снимки од видео надзорот во и околу домот на Камчев, на кои се гледа како двоецот Јовановски - Милевски си заминува со торбите полни со пари.

Од она што може да се забележи е дека женско лице ја подготвува спецификацијата за сумата на пари, еден милион евра, и бројот и висината на банкнотите, кои ќе им бидат предадени во куферот. Датумот од безбедносните камери е 20 февруари годинава.

Во вториот дел од снимката, пак, се слуша разговор меѓу Камчев и Јовановски, кој најверојатно не потекнува од средбата или од истиот ден. Јовановски дели правни совети и дава гаранции дека на Камчев во понеделник или вторник ќе му биде укинат куќниот притвор, а притоа Јанева, односно СЈО, нема да преземе ништо околу таа одлука.

Проверката покажува дека Врховниот суд кон крајот на февруари ќе ја донесе одлуката со која на Камчев ќе му биде укинат куќниот притвор, а ја објавува на четврти март, понеделник, токму како што најавува осомничениот Јовановски.

Обвинителството денеска без коментар, освен дека снимката која ја објави италијанскиот весник не потекнува од кај нив.

Од СЈО, пак, се огласија со писмено соопштение во кое стои дека објавената снимка недвосмислено покажува дека Обвинителството не било во дослух со осомничениот двоец, бидејќи тоа барало да се продолжи притворот на осомничените во случајот „Империја“.

Политичките партии не мируваа.

СДСМ смета дека објавувањето на сминката е однапред подготвено сценарио, и повика истрагата да се интензивирта, како и да се откријат сите учесници во овој скандал.

ВМРО -ДПМНЕ, пак, обвини за намерно одолговлекување на истрагата и штитење на Јанева која, според нив, веднаш мора да биде притворена.

Јовановски и Милевски кои се осомничени дека зеле 1,5 милион евра рекет од Камчев се во притвор, а Обвинителството се` уште ја испитува евентуалната поврзаност на Јанева во овој случај.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека на една од снимките кои Камчев ги доставил во Јавното обвинителство се слуша глас на обвинител, но, не прецизираше дали тоа е Јанева.

Еден час по апсењето на Јавановски и Милевски, Јанева си поднесе оставка и отвори боледување, но, потоа се премисли и замина на одмор надвор од државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG