Линкови за пристапност

Спикер, евроинтеграции, здравство, економија - што содржи пакетот за коалицијата „Вреди“ во идната Влада


Се наѕираат контурите на идната влада, која се очекува официјално да биде објавена утре. Неофицијално, Орхан Муртезани ќе биде министер за економија, Изет Меџити вицепремиер а извесно е дека Африм Гаши ќе биде новите претседател на Собранието

СКОПЈЕ – Утре или најдоцна задутре ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ да ја одржат најавената прес конференција на која ќе ја соопштат поделбата на ресорите во идната Влада како и кадровските решенија. Во исчекување на официјалните информации веќе се наѕираат контурите на следниот владин кабинет кој ќе го предводи лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Можеби денеска или утре ќе биде објавено дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, помеѓу „Вреди“ и ВМРО – ДПМНЕ. Се надевам и друга партија но немам информација од ВМРО – ПДМНЕ дали е постигнат договор со „ЗНАМ“. Следните 24 до 48 часа сигурно ќе биде објавено “, изјави Арбен Таравари, од коалицијата „Вреди“

Иако неофицијално договорот е постигнат за спикерското место во Собранието кое ќе припадне на „Вреди“ а во него ќе седне Африм Гаши, лидерот на „Алтернатива“. На Алтернатива ќе и припадне и ресорот евроинтеграции како и заменичките места во министерството за образование и политички систем.

Биљал Касами ќе го врати пратеничкиот мандат и ќе остане градоначалник на Тетово, а „БЕСА“ партијата ќе раководи со министерството за економија каде се споменува името на Орхан Муртезани како министер. „БЕСА“ ќе раководи и со министерството за труд и социјална политика, а заменик министер ќе има во министерството за култура.

Изет Меџити се посочува како вицепремиер во идната Влада а неговата партија „Демократско движење“ ќе раководи со министерството за екологија и ќе ги добие заменичките места во МВР и во министерството за транспорт и врски.

„Алијанса“ на Арбен Таравари ќе раководи со здравство и ќе има едно вицепремиерско место а заменици министри ќе бидат во одбрана и во министерството за земјоделство.

„ За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен“, изјави Таравари.

ВМРО – ДПМНЕ ќе раководи со останатите министерства а во дел како правда, МВР, одбрана, МНР и финансии се најавуваат нови кадри кои досега не извршувале високи државни функции.

Извори за „Гласот на Америка“ брифираат дека поделбата на ресорите е завршена а во изминатите два дена преговорите и разговорите се однесуваат на понудените кадровски решенија од предложени од идните владини партнери, односно имињата на министрите и замениците министри.

Иако и членови на раководството на ВМРО – ДПМНЕ и дел од лидерите на Коалицијата „Вреди“ во неколку наврати ја посочија можност и движењето „ЗНАМ“ да биде дел од идната Влада, од „ЗНАМ“ соопштија дека досега не добиле никаква покана и затоа не можат да го соопштат својот став.

XS
SM
MD
LG