Линкови за пристапност

Усвоен буџетот на САД


Сенатот на САД го одобри масивниот план за трошоци тежок 1,3 трилиони долари со што владата ќе биде финансирана до крајот на септември.

Мерката утринава беше изгласана со 65-32 гласа откако истата беше усвоена од Претставничкиот дом во четвртокот.

Предлог-законот сега оди на потпис кај претседателот Доналд Трамп.

„Дали претседателот ќе го потпише законот? Одговорот е да. Зошто? Бидејќи ги финансира неговите приоритети“ рече Мик Мулвани, директор на Канцеларијата за менаџмент и буџет.

Оваа мерка го исполнува ветувањето на Трамп за подобрување на финансирањето на армијата, но обезбедува ограничени средства за неговата агенда за имиграцијата. Со документот се предвидува 2,4 проценти зголемување на платите за армискиот персонал.

Демократскиот лидер на Сенатот, Чак Шумер, рече дека имало „голем број компромиси“ и дека членовите на неговата партија се задоволни.

И покрај напорите на демократите, законот не вклучува заштита на недокументираните имигранти донесени во САД како деца со програмата позната како ДАКА.

Демократите го повикаа раководството на републиканците да изнесат на гласање лепеза на предлози кои би ја поправиле програмата прекината од Трамп минатата година.

Сојузните судии во меѓувреме наредија администрацијата на Трамп да задржи одредени делови на ДАКА додека не се решат некои законски предизвици за кои веќе се води постапка.

XS
SM
MD
LG