Линкови за пристапност

Џафери: Институциите крајно професионално да ги истражат случувањата околу СЈО


Интервју Талат Џафери
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:21 0:00

Понатаму не би коментирал, бидејќи случајот е во надлежност на соодветни институции, кои треба принципиелно да излезат со соопштение по сите наоди, изјави претседателот на Собранието во интервју за Гласот на Америка

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека е важно да се поддржи постоењето на Специјалното јавно обвинителство, но, оти надлежните органи треба да го истражат случајот со Катица Јанева, одбивајќи да коментира повеќе околу тоа.

„Јас сум еден од потписниците на постоечкиот Закон за специјалното обвинителство, и во тој контекст, како пратеник и сега како претседател на Собранието, немам дилема во однос на потребата од поддршка на такво законско решение. Веста ја добивме откако стигнавме во Вашингтон. Како парламентарец и претседател на Собранието, понатаму не би коментирал во однос на случувањата, бидејќи тоа е надлежност на соодветните институции, кои треба крајно професионално и принципелно да излезат со соодветно соопштение по сите наоди, и со тоа да ја информираат и јавноста и нас како институции. Сметам дека институциите треба да си ја вршат нивната работа онака како што налагаат прописите во државата“, рече Џафери во интервју за Гласот на Америка, кој деновиве е во Вашингтон да присуствува на форум за адресирање на заканите за демократијата, во организација на Националниот демократски институт и УСАИД.

Според него, случајот со Јанева не може да го попречи патот кон НАТО, но, оти може да се одрази врз ЕУ процесот.

„Во однос на ЕУ може да има влијание, и позитивно и негативно, зависно од тоа како ќе се одвива овој процес. Во тој контекст сметам дека сите ќе бидат доблесни процесот да го водат професионално“, рече Џафери.

Од друга страна, вели тој, и граѓаните не треба да губат доверба во Европската Унија поради одложувањето на датумот за пристапни преговори.

„Граѓаните сфаќаат дека се` уште се потребни коренити реформи и промени, и сите заедно треба да ги поддржиме напорите овој процес да успее, и во сптември или октомври да добиеме датум за преговори“, рече тој.

Џафери смета дека поголемите закани за демократијата дома доаѓаат од внатрешни фактори, иако вели дека не треба да се игнорираат надворешните влијанија.

„Приоритет треба да бидат внатрешните наши односи, во смисла на надминување на меѓупартиските разлики и зголемување на политичката култура во парламентарниот живот“, вели тој.

Во таа насока рече дека лидерската средба што ја свика премиерот Зоран Заев треба да биде пракса, и на неа да присуствуваат сите политички партии, вклучувајќи ја и опозицијата, бидејќи граѓаните тоа го очекуваат.

Џафери, заедно со потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска - Ременски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, утре ќе се сретнат со членови на Конгресот, со кои ќе разговараат за евроатлантската интеграција на државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG