Линкови за пристапност

Ексклузивно: Интервју со Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија


Спасовски: Камерите создаваат бариера за корупција
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:51 0:00

Министерот Оливер Спасовски за Гласот на Америка зборува за разговорите со Бугарија, за состојбата со мигрантите и за проектот за камери на униформите на полицајците

Секоја недела бележиме пад на обиди за преминување на државната граница

Господине Спасовски, каква е состојбата со мигрантите на јужната и северната граница и што можеме да очекуваме во следниот период? Дали МВР e подготвена да одговори на евентуален нов предизвик?

Благодарам прво за можноста да го направиме ова интервју. Во однос на миграцијата и движењето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија, сакам да информирам дека во месец септември, презедовме дополнителни зајакнати мерки, преку оперативни акции за спречување на миграцијата. Тоа резултираше со пад на (бројот на) мигранти кои поминуваат низ државата, за повеќе од 40%. Секоја недела бележиме пад на обиди за преминување на државната граница. И тоа покажува дека ако имате активности во континуитет и ако сите сме ангажирани во тој поглед, можеме да одговориме сериозно на оваа појава на миграција. Така да тој тренд очекувам дека ќе продолжи и понатаму. Имаме сериозни капацитети, стручни и образовани кадри кои се занимаваат со оваа област. При тоа сакам да кажам дека за овие два месеци, се разбиени две криминални групи, кои учествувале во криумчарење на мигранти.

Дел од граѓанските активисти кои се занимаваат со оваа проблематика, велат дека главен проблем е нерегуларното движење на мигрантите и оти тие не се регистрирани во системот на државата и поради тоа се жртви на криумчари. Велат дека во оваа ситуација со Ковид-19 не можат ниту да се тестираат. Какво е размислувањето во оваа насока?

Постои систем за регистрација во државата. Има законска можност за поминување низ територијата во рок од 72 часа. Тоа го овозможивме со измени на законот уште во 2015 година. Проблемот е што ниту една од државите од соседството нема можност да ги пропушти, бидејќи е затворена т.н. западно-балканска рута. И затоа повеќе мигранти прибегнуваат кон криумчарење, затоа што ако се регистрираат низ системот на државата, треба за 72 часа да ја напуштат Република Северна Македонија, а тие тоа нема да можат да го сторат. И затоа се зголемува обидот за криумчарење на мигранти. Но преку јакнењето на капацитетите на силите, на напорите кои ги вложуваат полициските службеници, навистина направивме оваа наша зона или рута на поминување, да биде неатрактивна. За тоа сведочат и заклучоците кои се разгледуваат во европските земји, дека поради зголемената контрола се` повеќе мигранти избегнуваат да поминуваат низ територијата на Реублика Северна Македонија и за нас тоа е многу важно.

Камерите создаваат бариера за корупција

Спроведувате проект, заедно со Амбасадата на САД, за поставување на камери на униформите на полициските службеници. Што значи тоа и од каква корист ќе биде за безбедноста во сообраќајот и за самите граѓани? ​

Ние направивме еден таков пилот-проект, заедно со Амбасадата на САД, со поддршка на Владата на САД, преку целосна донација на такви боди-камери, прво за т.н. автопатска полиција. Таа функционира од 2016 година. Сега правиме имплементација во сите полициски станици, за безбедност во сообраќајот на патиштата, во сите сектори за внатрешни работи. Веќе се инсталирани во Тетово, Куманово, Скопје итн. Што значи користењето на боди-камерите? Прво, значи многу попрофесионално и со повисок интегритет однесување на полициските службеници, затоа што целокупната нивна активност преку боди-камерите, ќе биде забележана и снимана. Исто така е многу важна и за граѓаните. И односот на граѓаните и односот на полициските службеници се менува. Секако дека тука се создава и една бариера за неможност за било каков вид на корупција. И тоа е еден од механизмите со кои ќе се бориме и понатаму. Така што секаде каде чувствуваме дека има потреба од такво нешто и во другите делови на МВР, ќе пристапиме кон таа активност. ​

Со искрен дијалог може да се надмине прашањето со Бугарија

Кој е вашиот став околу македонско-бугарскиот спор. Може ли да се дојде до решение? ​

До решение може секогаш да се дојде и нема доаѓање до решение на ниеден друг начин освен преку дијалог. Значи мора да седнеме и да разговараме. Разговорите треба да бидат на основа на аргументи и на принципиелност. Секоја од државите мора да си го сочува своето достоинство. За нас е сосема јасно, кои се линиите, по кои ние можеме да водиме било какви преговори. Значи не може да се преговара за македонскиот јазик, македонскиот идентитет, тоа е нешто што е свето, право на самоопределување на секој народ, па и на македонскиот народ и македонската држава. Но, дали вреди да направиме обиди, со кои ќе направиме чекори за иднината? Апсолутно и затоа не треба да бидеме закопани во историјата и постојано да гледаме ретроградно кон историските факти. Историјата треба да ја оставиме на историчарите и тие да ги утврдат историските факти, затоа што историските факти не можат да бидат променети. Тие се такви какви што се случиле во одредено време. Меѓутоа историјата не може да биде основа за отворање на перспективите на граѓаните и иднината на државата. Напротив, треба преку една јасна визија и преку политики кои што значат отворање на перспективи за граѓаните, да продолжиме, преку дијалог, да го надминеме и овој проблем. Јас сум оптимист дека можеме на една принципиелна основа, преку отворен и искрен дијалог да го надминеме ова прашање, и да продолжи Република Северна Македонија кон евроинтеграциите. ​

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG