Линкови за пристапност

Светот ужаснат од нападите во Шпанија


Илјадници лица со едноминутно молчење на главниот плоштад во Барселона, им оддадоа почит на жртвите во нападите во Барселона, во кои загинаа најмалку 14 лица, а преку 100 се повредени

Меѓу насобраните беа и шпанскиот крал Филип Шести и премиерот Маријано Рахој, кој прогласи тридневна национална жалост.

Се` започна во четвртокот, кога комбе влета во пешаци на булеварот Лас Рамблас, убивајќи 13 лица, а повредени беа уште 100 други.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон денеска изјави дека меѓу загинатите е и еден американски државјанин.

По возачот на комбето и натаму се трага, а уапсени се две лица, Мароканец и Шпанец, но не е познато како се поврзани со нападот.

Трето лице беше уапсено денеска во северниот каталонски град Рипол, соопшти каталонскиот министер за внатрешни работи, Јоаким Форн.

Неколку часа подоцна, во сличен напад во Камбрилс, одморалиште јужно од Барселона, автомобил удрил во пешаци и полициско возило. Полицијата ги убила петмината напаѓачи, за кои кажа дека воедно носеле и експлозивни појаси, што подоцна било утврдено дека се лажни. Една жена починала од повредите во тој напад, а петмина други цивили и еден полицаец биле повредени.

Полицијата верува дека нападите се поврзани со експлозија во куќа во Каталонија во средата, кога загина едно лице. Властите се сомневаат дека лицата во куќата правеле експлозивна направа за да ја употребат во терористички напад.

Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, соопшти дека меѓу повредените се 26-мина француски државјани, а 11 се во сериозна состојба.

Шпанскиот премиер Рахој нападот го нарече „џихадистички тероризам“.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера преку Твитер изјави дека САД „ќе сторат сé што е потребно да и` помогнат на Барселона, а државниот секретар Рекс Тилерсон предупреди: „Терористите ширум светот треба да знаат, САД и нашите сојузници се решени да ве најдат и да ви донесат пред правдата“.

Сo реакција се јави и германската канцеларка Ангела Меркел: „Овие убиствени напади повторно ни` ја покажаа целосната омраза кон човештвото со кое дејствува исламистичкиот тероризам. Нема да дозволиме овие убијци да нѐ натераат да се оддалечиме од нашиот пат, од нашиот начин на живот“.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека неговите мисли се со жртвите на нападот и дека Франција останува „обединета и определена“.

Шведскиот премиер Стефан Лофвен изјави дека е „ужаснат од извештаите од Барселона“.

Данскиот премиер Ларс Расмусен кажа дека Европа „повторно е нападната од терор“.

„Додека терористите го потценуваат духот на општествата што сакаат да ги поткопаат, тие ќе изгубат“, рече пакистанскиот премиер Шахид Хакан Абаси.

Жолтата и црвената боја на шпанското знаме ја осветлија Градското собрание во Тел Авив, додека израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху рече дека цивилизираниот свет мора заедно да се бори против тероризмот и да го порази.

Поранешниот американски претседател Барак Обама преку Твитер кажа дека „Американците секогаш ќе застанат со нашите шпански пријатели“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG